Парични казни од по 3.500 евра за 23 прекршители на полицискиот час во скопската населба Сингелиќ, побара Основното јавно обвинителство Скопје од Основниот кривичен суд Скопје.
Обвинетите се идентификувани како лица кои на 13 април околу 22 часот, за време на полицискиот час, биле затекнати групирани надвор од нивните домови во Сингелиќ. Со ова тие постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на државата, донесена со цел спречување на вирусот ковид-19.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на секој од обвинетите да им изрече парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 35 евра во денарска противвредност.
Во врска со настанот во Сингелиќ на 13 април, Основното јавно обвинителство Скопје претходно поднесе Предлог за издавање казнен налог против три лица, со кој побара на лицата обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија да им бидат изречени парични казни од 100 дневни глоби од по 50 евра. Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по овој предлoг, веќе изрече првостепена пресуда со која тројцата обвинети ги огласи за виновни и им ја изрече паричната казна од по 5.000 евра во денарска противвредност.