Јас сум ВМРО, а не е ДПМНЕ, рече обвинетиот Игор Југ денеска во одбраната пред судот, за случувањата на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Нагласи дека е невработен и заработува со подотвување кучиња за изложби и додаде дека еден дел од разговорите со дел од обвинетите на 27 април биле во тој контекст.
– Пропуштените повици од Александар и Јане Ченто се за нивните кучиња, на кои исто така, им ги чувам кучињата – рече Југ.
Околу 18 часот, кога веќе бил пред Собранието, телефонски се распрашувал за тоа дали има движење Легија на честа во Куманово.
-Во 20 часот бев во некоја гужва во Собранието внатре или надвор, не се сеќавам баш најдобро, и имам пропуштен повик од обвинетиот Кољо. Со него потоа се чув, ама видно разочаран ми кажа само дека се подготвуваат некои шатори за мирно протестирање пред Собранието – рече Југ.
Последниот повик од обвинетиот Нинџа, додаде, е околу 21 часот, ама исто така бев во гужва, викав ало, ало, ама врската се прекина.
Неговиот адвокат, на почетокот рече дека од видео материјалите на обвинителството се гледа неговото движење во Собранието и само го праша да појасни во својот исказ за неговата комуникација со лицето Борче Шушка.
– Борче Шушка е мој школски другар и нема врска со случувањата на 27 април. Јас и Борче разговараме на кумановски дијалект и разговорите малку се извадени од контекст, ама јас стојам на нив. Во однос на првата, нагласувам дека под „тие што ме пратија” ги подразбирам сите што 60 и повеќе дена го повикуваа народот да излезе на улица и да ја брани државата. Јас сум ВМРО, не сум ДПМНЕ. Јас сум ВМРО по идеологија. Во секој нов претседател барам нов Тодор Александров – рече обвинетиот Југ.
За втората порака, за делот „тие што им вршел работа, тие цело време го гонат”, само нагласи дека тој е најмладиот ВМРО-вец.
– За мојата партија јас сум ги вршел сите работи што човек од мој калибар може да ги изврши. Сум работел се, од лепење плакати, до обезбедување конгреси, без никаква материјална надомест. Јас сум од тие што веруваат во идејата. Затоа со 40 мои години и четири деца сум невработен, а мојата жена со високо образование работи во пицерија на шанк за да ги прехрани децата. Гневен сум, се уште сум гневен на тие луѓе, но христијанството ме учи да им простам. И им простувам, ама жив нема да им заборавам – истакна Југ.
За третата порака, таа е на чист кумановски и гласи „ние по затвори и домови, а куртони по фотељи”.
– Тоа се мои ставови и ги имам милион пати јавно изнесено. Ние старите ВМРО-вци сме заборавени и маргинализирани од дојденци. Секогаш велеа, остајте ги нашите, тие ни се сигурни, дај да придобиеме некој од другите – рече обвинетиот Југ.
Судскиот процес го води судијката Добрила Кацарска, а застапници на обвинението се Вилма Русковска и Ивана Трајчевска.
На прашање од обвинителката Русковска, дали мислел на говорот на Груевски „народот да не седи по папучи дома и да ја земе судбината во свои раце”, на што обвинетиот Игор Југ рече, дека под сите тие ги подразбира сите, од партиски вработените, до претседателот на државата, затоа што од сите нив само Антонио Милошоски собра храброст да застане рамо до рамо.
– За Никола Груевски го сметам за одличен премиер, ама нула од лидер на партија, зошто од ВМРО-ДПМНЕ направи партија на бегалки од другите партии, кои го водеа колото – рече Југ.