Обвинетиот Сашо Мијалков во случајот „Плацови на Водно“ го распрашуваше сведокот Александар Ивановски-Теранова околу деталите дадени во неговиот исказ. По скоро секое цитирање на исказот, Сашо Мијалков го интересираше дали сведокот има материјален доказ за контактите и средбите за кои тврди дека ги имал. Ивановски-Теранова негираше.
– Нели е нелогично преку тебе да се распрашувам за земјиште, туку за друг, како што кажуваш и ти, па не ја гледам причината зошто би прашувал, особено ако тој за кого ти кажуваш дека било наменето земјиштето имал секојдневен контакт со сите институции. Која е логиката – праша Мијалков, на што сведокот одговори „а што тој што гледал ДУП-ови не сакал да се знае дека има плацови.
Мијалков потоа возврати „ќе ја видиме таа логика понатаму затоа што не е така”.
Судијата реагираше на коментарот, а Мијалков врати, „ако, да се разбереме малку”.
„Дали ти Алек имаш доказ дека јас сум ти се јавил?”, праша Мијалков, на што Ивановски одговори „немам доказ, телефонски беше тоа”.
Треба да ги снимам разговори, ако барате доказ, немам, одговори Александар Ивановски-Теранова на уште едно прашање за тоа дали за исказот и разговорите кои ги споменува има материјални докази.
– Ти немаш вакво искуство, ти посакувам и да немаш. Постапката е таква да одговараш само тоа што прашувам – рече Сашо Мијалков.
На ова реагираше обвинителката Лиле Стефанова, поради што судијата Илија Трпков ја предупреди дека не смее да се обраќа директно до Сашо Мијалков.
– Немојте да преговарате директно. Мене ќе ми се обратите па ќе направам јас ред во судница – рече судијата Илија Трпков до Лиле Стефанова.
Александар Ивановски-Теранова кажа дека нема доказ со кој може да потврди дека инвестирал во туѓи станови и плацеви.
“Ваш плац, ваши пари, ваши комуналии. Како да веруваме дека тие станлви и плацови не се ваши?”, праша адвокатот Давидовиќ, а сведокот кажа „мој плац мои комуналии, моја градба, а беше правена за ‘Телеком’. По вашата логика ако одиме”, а адвокатот врати „ама сте земале пари за тоа”.