Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски наместо одговори, за новинарските прашања коментираше дека се смешни. По десетина минути во судница и одлагање на судењето, тој не одговори дали за наредното закажано рочиште, неговиот адвокат ќе дојде на судење. Прашан дали ќе најде време за рочишта откако стана градоначалник, тој посочи дека има одлични менаџерски способности.

– Смешно е прашањето. Секогаш сме се јавувале на сите рочишта и на сите рочишта ќе присуствуваме.

За него, присуството на медиуми на првото рочиште по судската ферија е оркестрирано од страна на како што рече „еден центар”.

-Ова е срамота што го гледам пред мене. Очигледно, сите сте дошле оркестрирани од еден центар како медиуми. Сега очигледно некому тешко му паѓа победата што ја имам. Поштено и чесно сме работеле јас и моите вработени. Чисти сме како солза – кажа Јакимовски.

Рочиштето беше одложено бидејќи родителите на неговиот адвокат биле заболени од коронавирус. Според Јакимовски, адвокатот имал интензивен контакт со нив. Судијата Осман Шабани побара да му се достави решение за изолација, како и да направи тест за коронавирус.