Според Интерпол, зголемен е бројот на сомнителни домени што во своето име ги содржат термините коронавирус, ковид-19 и слични називи со цртички помеѓу нив. Додека некои од нив се легални, сајбер-криминалците создаваат илјадници такви интернет-домени што имаат спам-кампањи, кои шират вируси и ги напаѓаат компјутерите на лицата што ќе пристапат до нив. Само до крајот на март се појавиле 2.022 сомнителни домени и 40.261 високоризичен новорегистриран домен
КОРОНА-НАПАДИ НА ИНТЕРНЕТ
Пандемијата на ковид-19, која веќе неколку месеци се шири низ светот, добро им дојде и на сајбер-криминалците, кои користејќи ја ситуацијата, макотрпно ги напаѓаат компјутерите и системите на поединци, бизнис-секторот и глобалните мрежи на светските организации. Сето тоа се случува поради намалената сајбер-контрола и поради намалениот персонал задолжен за интернет-безбедност, кој беше преполовен и мораше да остане во карантински услови.
Според Интерпол, зголемен е бројот на сомнителни домени што во своето име ги содржат термините коронавирус, ковид-19 и слични називи со цртички меѓу нив. Додека некои од нив се легални, сајбер-криминалците создаваат илјадници такви интернет-домени што имаат спам-кампањи, кои шират вируси и ги напаѓаат компјутерите на лицата што ќе пристапат до нив. Само до крајот на март се појавиле 2.022 сомнителни домени и 40.261 високоризичен новорегистриран домен.
Сајбер-криминалците добро ја користат целата ситуација, во која глобално се шират вести за коронавирусот за да ги прикријат своите активности. Малициозни софтвери, шпионски софтвери и таканаречени тројанци се пронајдени на многубројни интерактивни мапи и интернет-страници на организации чија цел е да советуваат заштита од вирусот, или пак да информираат за бројот на заболени, оздравени или починати лица во светот. Исто така се појавија и голем број и мејлови со штетни информации, познати како спамови, кои им се испраќаат на корисниците, кои, пак, со кликање само на еден линк симнуваат разни малициозни софтвери во своите компјутери или телефони. Испратени се околу еден милион спам-пораки на мејл-адреси на корисници, но и на организации и компании низ светот од јануари годинава.
На нишан се и болници, медицински центри, институции, кои поради целокупната состојба со коронавирусот не се во можност да ги заштитат своите системи. Сајбер-криминалците ги запоседнуваат и бараат откуп, односно одредена сума пари за да ги ослободат интернет-страниците да функционираат по старо. Најчесто им влегуваат во системите користејќи мејл-адреси, но и преку интернет-плаќања, а и користејќи ја слабоста на системот.
Се прогнозира дека сајбер-криминалците ќе продолжат да ги напаѓаат индивидуалните приватни адреси, компаниите и организациите со критични интернет-страници. Ќе продолжат да предизвикуваат штета на глобално ниво, сѐ додека трае пандемијата. Анализата покажала дека сајбер-криминалците најмногу ја користат анксиозноста на луѓето предизвикана од коронавирусот.
Во обид да одговори на сите овие интернет-предизвици за време на пандемијата предизвикана од ковид-19, глобалните власти и експерти за сајбер-криминал формираа алијанса за да се спречат понатамошните вакви напади и да се заштити јавноста. Интерпол лансира глобално предупредување за да ги предупреди граѓаните, бизнис-секторот и другите организации да најдат начини и да се заштитат од сајбер-криминалците, кои на секаков начин се обидуваат да украдат податоци, да направат измама или едноставно да ги вознемируваат луѓето. Клучната порака на кампањата, која се фокусира на алармирање на јавноста, е да се одржува интернет-хигиената на високо ниво.
Кампањата првенствено се фокусира на социјалните медиуми, а им се посветува внимание на заканите што Интерпол ги евидентирал собирајќи податоци од земјите-членки.
Крег Џонес, директор за сајбер-криминал во Интерпол, истакна дека полицијата и надлежните за спречување сајбер-криминал забележале значително зголемување на бројот на целни сајбер-напади од криминалците откако почна пандемијата.
– Сајбер-криминалците развиваат напади користејќи го ковид-19. Овие напади им предизвикуваат сериозна штета на луѓето и на организациите, кои веќе поминуваат низ сериозни последици како резултат на пандемијата. Дојде време сите заедно да работиме за да го стопираме тоа – истакна тој.
Според него, иако сајбер-криминалот и сајбер-безбедноста звучат како работи што е тешко да се разберат, сега тоа не е случај.