Фото: Игор Бансколиев

Повеќе од 25 милиони денари направиле штета дрвокрадците во земјава. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, од јануари до октомври, криминалците што се занимаваат со кражба на дрва во Македонија добиле вкупно 105 кривични пријави, додека, пак, евидентирани се 178 сторители на кражба на дрвна маса. МВР евидентирало 143 кривични дела, додека вкупното количество украдена дрвна маса во кубни метри изнесува 3.411

КРИМИНАЛНИОТ ОДНОС КОН ШУМИТЕ СЕРИОЗЕН ПРЕДИЗВИК ЗА ВЛАСТИТЕ

Дрвокрадството и бесправната сеча на шумите, а со тоа и директното наштетување на животната средина, се едни од најголемите криминали на денешницата. Властите во сите држави вложуваат сериозни напори за да се справат со овој вид криминал, кој особено е актуелен во зимскиот период, кога почнува грејната сезона и кога на пазарот за огрев се чувствува голема побарувачка на дрва и се заработуваат големи финансиски средства од продажбата на огревно дрво.
Криминалците што се занимаваат со дрвокрадство, со сечата на дрвата не само што го нарушуваат биодиверзитетот туку го нарушуваат и животот на оние заедници што зависат од шумите, создавајќи сериозни ризици за зголемувањето на поплавите.

Откриени повеќе од 178 дрвокрадци во земјава

Повеќе од 25 милиони денари направиле штета дрвокрадците во земјава. Според податоците од Министерството за внатрешни работи, од јануари до октомври, криминалците што се занимаваат со кражба на дрва во Македонија добиле вкупно 105 кривични пријави, додека, пак, евидентирани се 178 сторители на кражба на дрвна маса. МВР евидентирало 143 кривични дела, додека вкупното количество украдена дрвна маса во кубни метри изнесува 3.411.
– Вкупната материјална штета за реализирани кривични дела кражба на дрвна маса изнесува 25.263.387 денари – информираат од Министерството.
Меѓутоа, проблем за шумската полиција се и оние дрвокрадци што, и покрај извршеното кривично дело, дрско ги напаѓаат полицајците во обид да се спасат од санкции.
На крајот на минатиот месец, во Кочани вработени во шумската полиција додека извршувале службени дејства со полицајци од градот биле физички нападнати од група дрвокрадци.
Полицајците запреле џип без регистарски ознаки, натоварен со дрва за огрев за кои немале никаква документација. Откако полицијата донела одлука да го одземе џипот со дрвата, тие ги нападнале.
Петмина полицајци беа нападнати и во септември, кога затекнаа дрвокрадци како нелегално сечат дрва во Прилепско.
Тројца дрвокрадци беа фатени од страна на полиција и добија кривични пријави затоа што во атарот на селото Црвена Вода, во општината Дебарца, без одобрение за сеча пресекле околу 19 кубни метри огревно дрво, по што ги натовариле на коњи со намера да ги присвојат.

Дрвокрадството сериозен проблем и за Интерпол

Илегалната сеча на дрва не е проблем само во Македонија. Таа претставува огромен предизвик и за Интерпол, иако за разлика од земјава, таму властите се справуваат со крадење на специфични и заштитени видови, а во тој криминал најчесто има и измами со документи, корупција и перење пари.
Неодамнешната едномесечна акција на полицијата и на царинската полиција наречена „Гром“ (Тандер) резултира со откривање повеќе од две илјади запленети шумски животински видови и растенија.
Само во Индија царината успеала да пресретне и заплени 18 тони сандалово дрво подготвено за испорака. Исто така, откриени се и 950 тони дрвена граѓа и 15.878 шумски растенија, а повеќе од 45.500 животни и растенија се спасени за време на операцијата.
– Шумскиот криминал, како и криминалот кон шумските животни, е еден од најголемите илегални бизниси во светот, кој има сериозни последици не само за околината туку и за општеството, јавното здравје и глобалната економија – истакна Јирген Сток, генерален секретар на Интерпол.
Тој истакна дека овој криминал најчесто оди рака под рака со затајување данок, корупција, перење пари, па дури и убиства, а криминалните групи за шверц ги користат истите траси како и за шверц на оружје, дрога и други илегални производи.

Дрвокрадците покажуваат агресивност и ги напаѓаат и полицајците

Во извештајот на Интерпол за неговата последна акција „Гром“ се наведува дека полицајците редовно се напаѓани од страна на криминалците.
– За време на оваа операција петмина полицајци и тројца шумски полицајци во Северна Македонија беа нападнати – двајца од нив беа сериозно повредени додека се обидувале да спречат илегални активности со сеча на дрва – се наведува во соопштението за медиумите на Интерпол.
Во овој случај операцијата демонстрира дека кражбата на дрва и криминалот кон шумите продолжуваат и во услови на пандемија.

[email protected]