За пукање од огнено оружје казната е до 500 евра или затвор до пет години

Според податоците од МВР, во првите осум месеци од 2019 година имало вкупно 26 случаи на заскитани куршуми, сите на подрачјето на Скопје, а во три случаи се повредени три лица

Пукањето од огнено оружје на разни семејни веселби или по други поводи не престанува, и покрај сознанието дека има мноштво примери некој да настрада од заскитан куршум. Имало и примери кога семејната веселба се претворила во драма, затоа што куршумот завршил во некој од сватовите на свадбата. Но дури и ваквите лоши искуства не можат да ги одвратат некои од намерата да пукаат, од обичајот или од идејата кога се во добро расположение да поздравуваат рафално од огнено оружје. Заскитаните куршуми испукани во воздух многупати завршувале во нечиј автомобил, прозорец, ѕид од куќа, дури и во дневна соба. Секогаш кога станувало збор за вакви случувања, некои од оние што се осмелиле на ваков чин имале дозвола за оружјето, додека, пак, други воопшто не поседувале. Но, и покрај дозволата за поседување на оружјето, тоа не треба да се користи на веселба. Она што исто така е впечатливо е дека пукањето од огнено оружје на веселби не се случува само во селските средини, туку, напротив, оваа појава е актуелна и во градските урбани средини, па дури и во Скопје.

Според билтенот на МВР, последниот случај е на петти август годинава, кога двајца жители на Скопје пријавиле дека во својот двор пронашле заскитано зрно од оружје. На почетокот на годинава имаше два случаи во Скопје на пријави од граѓани за заскитани куршуми. На првиот ден од новата 2019 година заскитано зрно оштети ретровизор на возило. Друг случај имаше за време на новогодишната ноќ, кога жена од Чаир за малку ќе била жртва на заскитан куршум, кој го пробил покривот од нејзината куќа. Рафали од новогодишната прослава со пукање од огнено оружје се слушаа речиси во сите скопски општини. Лани само во главниот град имало дури 27 случаи на регистрирани заскитани куршуми. Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во првите осум месеци од 2019 година се регистрирани вкупно 26 случаи на заскитани куршуми, сите на подрачјето на Скопје, а во три случаи се повредени три лица.

Се поставува прашањето дали овие случаи се истражуваат, се водат ли постапки против сторителите за тие да добијат и соодветна казна за стореното. Од МВР само кратко информираа дека преземаат мерки за расветлување на случаите.
Во 2018 година се пријавени вкупно 37 случаи на заскитани куршуми, од кои најмногу на подрачјето на СВР Скопје – 27, потоа на подрачјето на СВР Тетово – пет, СВР Охрид – три и по еден на подрачјата на СВР Куманово и СВР Штип, а во пет случаи се повредени пет лица. Од регистрираните 26 случаи на заскитани куршуми во 2019 година, во десет се оштетени возила, во шест случаи куршумите завршиле во дворови и куќи без материјална штета, а во еден случај се оштетени ѕид и прозорец во куќа. Во 2019 година се регистрирани шест случаи на пукање со огнено оружје за време на одржување семејни и други видови веселби, од кои пет на подрачјето на СВР Тетово и едно на подрачјето на СВР Охрид, а повредени се четири лица – информираат од МВР.

Оттаму велат дека законот не дозволува употреба на огнено оружје на семејни веселби и свадби. Пукањето со огнено оружје е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир и глобата за овој прекршок се движи од 200 до 500 евра во денарска противвредност. Освен ова, во зависност од последиците, пукањето може да се смета и како кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена затворска казна од една до пет години. Од МВР велат дека се преземаат мерки и активности за превенирање, како и за расветлување на регистрираните случаи во согласност со законските прописи.


Како се добива дозвола за поседување оружје?

Според законот за оружје, за да се обезбедат оружје и муниција тоа може да се овозможи само врз основа на одобрение издадено од Министерството за внатрешни работи во согласност со категоризацијата на оружјето. Одобрение за набавување оружје може да им се издаде на физички лица само поради заштита на нивната личност и имот и за лов и спортско стрелаштво. Такво се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање. Дозволата се издава само ако физичкото лице исполнува одредни услови, како да има наполнето 18 години живот, здравствено да е способно да поседува и носи оружје, да не претставува опасност за јавниот ред, да има оправдана причина за набавување оружје, потоа да знае правилно да употребува, чува и одржува и да има познавање на прописите за оружје. Услов е и да има живеалиште на територијата на Република Македонија.
Оправдана причина за набавување оружје се смета ако на физичкото лице му е загрозена личната безбедност, безбедноста на неговото семејство или имот, ако работите и задачите што ги врши на работното место се од таква природа што можат да предизвикаат опасност од загрозување на неговиот живот или имот. Други оправдани причини за поседување оружје се: лицето да е активен член на ловечко или стрелачко друштво или на пример ако собира колекционерско оружје или, пак, е донесена е правосилна судска одлука за наследување на оружјето. Освен ова, исто така во законот се споменува и случајот кога е доделена награда во вид на оружје, за постигнати резултати во официјални натпревари во лов или спортско стрелаштво или доделено е оружје од страна на државни органи, меѓународни организации или државни органи на други држави.
Дозволата за оружје се издава со рок на траење од десет години, а на лица постари од 65 години живот со рок на важење од пет години. Дозволата за оружје може да биде продолжена по писмено барање на имателот, поднесено до надлежниот орган најдоцна два месеца пред истекот на рокот на нејзината важност. Ц.Х.