Фото: Маја Јаневска-Илиева

За сиромаштијата обвинувањата не се пријатни, не може секој да си дозволи убав автомобил. Меѓутоа, кога веќе се вози запрежна кола влечена од коњ, треба да се знаат основните правила и прописи. Сопствениците на ваквите превозни средства сѐ уште се активни на македонските сообраќајници, а честопати претставуваат ризик не само за себе туку и за другите учесници во сообраќајот. Возачите велат дека е огромен проблемот од ваквите возила бидејќи не се никако обележани, немаат никаква сигнализација, катадиоптер, триаголник… немаат ништо што би ги предупредило возачите дека има запрежно возило пред нив и каде тоа ќе се движи или ќе заврти…

ВО 21 ВЕК ПРЕВОЗНИ СРЕДСТВА ОД 19 ВЕК

Иако е 21 век, во кој сѐ понапредни се општеството, возилата и технологијата, низ улиците во нашата земја на големо се возат запрежни коли, од кои најмал проблем е тоа што го забавуваат сообраќајот. Ризикот од нивното возење по улиците во градовите и надвор од нив е огромен, бидејќи не се никако обележани, возат и дење и навечер, се приклучуваат на сообраќајници без никакво предупредување, а воопшто и не треба да се спомене ризикот од тоа што коњите лесно можат да се исплашат и да предизвикаат катастрофални несреќи со кобни последици.

Зголемен РИЗИК ВО СООБРАЌАЈОТ

Во Скопје, но и во другите градови, по автопатите, регионалните и магистралните патишта во земјава, за жал, не се користат само автобуси, автомобили, камиони, мотори и велосипеди туку и запрежни коли, од оние на кои тие им се единствено превозно средство.
Факт е дека за сиромаштијата не може да се обвинува никој, не може секој да си дозволи убав автомобил, меѓутоа, кога веќе се вози запрежна кола влечена од коњ, треба да се знаат основните правила и прописи, бидејќи сопствениците на ваквите превозни средства честопати претставуваат ризик не само за себе туку и за другите учесници во сообраќајот.
Возачите велат дека е огромен проблемот од ваквите возила, бидејќи не се никако обележани, немаат ниту триаголник, ниту мачкино око… немаат ништо што би ги предупредило возачите дека има запрежно возило пред нив.
– Најголем проблем е кога се вози помеѓу населени места каде што улиците не се осветлени, а пред вас има запрежна кола, која нема никаква ознака на неа. Многу доцна возач може да се забележи на коловозот, а тогаш може да биде навистина доцна. За низ Скопје воопшто и да не зборувам. Во најголемите метежи се пикаат меѓу автомобилите, возат не почитувајќи буквално ниту еден сообраќаен знак или семафор… за нив нема пешачки премин, велосипедски патеки, нема ништо – вели Зоран Богдановски.
Огромен проблем е кога животните, по волја на нивните сопственици се пикаат меѓу возилата во најголемите метежи, бидејќи во сообраќајот често се случува да има свирежи, а сета таа бучава ги нервира и плаши коњите, чие однесување и не е баш толку лесно да се контролира.
– Доволно е да се исплаши коњот и да предизвика хаос на улица. Ќе почне да скока преку возила, да крши сѐ околу себе. Да не се лажеме, коњите се крупни животни и не е толку лесно да ги скротиш – вели тој.
За граѓаните проблем е и изметот од животните. Велат дека Македонија е земја што се стреми кон европските стандарди, па не е соодветно да има измет на улиците.
– Тоа посебно е проблем во општините низ државава и во Скопје, бидејќи низ улиците има измет од коњите што ужасно мириса, посебно во летниот период. Крајно несоодветно дури и одвратно – вели Лидија Ѓурчевска.
Несомнено тука се провлекува и прашањето за хуманоста за заштитата на животните, бидејќи тие се жртви на ќотек од сопствениците, кои без чувство ги удираат за да трчаат побрзо. Низ минатото само во Скопје имаше неколку случаи на колабирани коњи низ улиците, поради влечење преголем товар и поради неисхранетост.

ЗАКОНОТ МОРА ДА СЕ ПОЧИТУВА ОД СИТЕ УЧЕСНИЦИ ВО СООБРАЌАЈОТ

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека учеството во јавен сообраќај на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, лесни четирицикли и четирицикли, како и на запрежните возила e уредено во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија“ бр. 169/15, 226/15, 55/16, 11/18, 83/18 и 191/18), и Законот за изменување на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19 и 302/20).
– Општините и градот Скопје го уредуваат режимот на сообраќајот на локалните патишта и улици на своето подрачје. Под режим на сообраќајот се подразбира и: сообраќај на пешаци, возачи на велосипед, мопед, туристички воз, запрежни возила, терање и водење добиток; Сите учесници во сообраќајот вклучувајќи ги и наведените категории се должни да ги почитуваат и постапуваат во согласност со одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата – информираат од МВР.
Оттаму додаваат дека од почетокот на годинава, заклучно со месец август, санкционирани се 27 учесници во сообраќајот од горенаведените категории меѓу кои се и запрежните коли.