Почнува судскиот процес за организаторите на крвавиот упад во Собранието на 27 април.
Обвинителството за организиран криминал и корупција ги гони ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и експретседателот на Собранието – Трајко Вељаноски, ексдиректорот на УБК – Владимир Атанасовски, како и бегалците Никола Бошковски и Никола Груевски, а првото рочиште е закажано на 21 февруари.
Предметот според АКМИС-системот ќе го судат Владимир Туфегџиќ и Илија Трпков. Застапник на обвинението е обвинителката Вилма Русковска.
Бегалецот Никола Бошковски на 27 април со возило „голф“, кое било сопственост на УБК, во непосредна близина на Градската болница донел автоматско оружје, пиштоли и панцирни елеци, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски го мобилизирале и координирале членството на ВМРО-ДПМНЕ, а експретседателот на Собранието, Трајко Вељановски, спречувал да се избере нов претседател на Собранието од новото парламентарно мнозинство.
Ексдиректорот на УБК Владимир Атанасовски бил задолжен да ги мобилизира членовите на патриотските здруженија, но и за издавање наредба да се извадат хард-дисковите од Собранието, каде што биле складирани снимки од насилниот упад. Ова е само дел од обвинението што Обвинителството за организиран криминал го поднесе до кривичниот суд, а со кое обвинети се Вељановски, Јанакиески, Ристовски и Атанасовски дека плански и со насилство сакале да спречат примопредавање на власта.
Обвинителниот акт се темели на наредби за претрес во домови на обвинетите, одземени предмети, вештачење на мобилните телефони, фотографии и видеа, листинзи од мобилните оператори, кои покажуваат со кого разговарале обвинетите пред и за време на крвавите инциденти во Собранието и други докази.