Сите докази што сум ги поседувал се дадени, вклучително сите докази кои што се поврзани или некако поврзани со предметот „Монструм“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, прашан за коментар околу обвинувањата од опозицијата за манипулација за случајот со петкратното убиство кај Смилковското езеро.
– Да се игра вака дрско и безобразно со чувствата, пред се на родителите, е повеќе од нормално и повеќе од реално. Кажав и пак ќе повторам. Сите докази, севкупно што сум ги поседувал се дадени, вклучително сите докази кои што се поврзани или некако поврзани со предметот „Монструм“ се предадени. Ако сум имал минимум нешто појасно за јавноста, јас ќе сум го објавел, но видов дека тоа што го имам е само доволно за да се продолжи истрагата во овој предмет, за докрај да се разобличи вистината што се случувало, рече Заев.
Посочи дека немал ниту тогаш, ниту сега намера да биде истражител.
– Се што имам тоа е дадено. Јас си дозволив дури и да коментирам, затоа што се работи за мајка и татко, на деца кои се убиени. Да им покажам дел од тие разговори за да ја смирам нивната душа, да видат тоа што е. Сепак, на крајот, правните процеси се тие што со нивната конечност треба да ги смири душите на сите нас, пред се на родителите, а после и на нас граѓаните кои што сме раздразнети за овој предмет, како што сме раздразнети по многу други предмети во Македонија, рече Заев.