На копот во РЕК „Битола“ дојде до лизгање на земјиштето при што загина еден работник. Информацијата дека во рудникот „Суводол“ се случи тешка несреќа ја
потврдија од РЕК „Битола“.
– Со длабоко жалење известуваме дека синоќа, при несреќен случај во рудникот „Суводол“ во РЕК „Битола“, при работа со градежна машина, животот го
загуби работникот Т.К. (38 години) – соопштија од РЕК „Битола“.
Загинатиот бил работно ангажиран преку надворешна фирма во РЕК „Битола“ како ракувач на булдожер и изведувал задача на поместување на јаловински маси. Во моментот на насреќата, од се уште неутврдени причини, работникот го напуштил булдожерот, а истовремено дошло до одронување на земја која го затрупала, при што исходот бил со смртни последици.
Стручните служби на РЕК „Битола“ и надлежните органи извршија увид на местото на несреќата, а согласно процедурите за расчистување на околностите под кои се случил трагичниот настан, земени се и изјави од колегите и претпоставените на починатиот.
РЕК „Битола“ упатува длабоко сочувство до семејството на загинатиот.
Јавноста ќе биде известена за наодите на наделжните органи по завршувањето на законски предвидените дејствија, се вели во соопштението на РЕК „Битола“. М.М.