По сведочењето на Мирослав Шиповиќ беше прекинато денешното рочиште во Кривичниот суд за предметот на СЈО „Насилство во Центар“. Ново рочиште е закажано за 16 октомври, кога пред Судот треба да сведочи Саша Богдановиќ.
Попладнево сведокот Шиповиќ на прашање од одбраната рече дека како член на СДСМ учествувал на многу протести, но оти вака насилен протест немал видено.
Посочи дека протестирал за промената на имињата на улиците во Центар, за што и бил подоцна условно осуден, на што подоцна поднел жалба по што Судот ја повлекол одлуката.
Еден од обвинетите за „Насилство во Центар“ рече дека после ова сведокот е дискредитиран и не треба да биде земен во предвид.
Прашан од Миле Јанакиески колку членови на СДСМ биле организирани да присуствуваат на протестите на 7 и 10 јуни, Шиповиќ рече дека имало членови на СДСМ кои се вработени во Општина Центар и биле заедно со нив внатре во општината, но дека не организирале контра протести.
Судијата повика на мир во судницата, а некои од обвинетите се обратија кон јавноста со зборовите „ајде сега и ова да го објавите”.
Во случајот „Насилство во Центар“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, екс советничката на ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова и уште деветмина други лица.
На претходните рочишта за овој предмет, вина признаа четвртообвинетиот Томислав Лазаров и петообвинетиот Јордан Ристевски и добија условни казни. За седмообвинетиот Димче Крстев, пак, се води одвоена постапка.
Обвинетите се товарат за поттикнување на насилството што се случи при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година.