Во судар на две возила на наплатна рампа на автопатот Тетово – Гостивар утрово загина 51-годишна жена од Кичево, информираше Секторот за внатрешни работи – Тетово. Несреќата се случила околу 6.45 часот.
-На самата наплатна станица што е во близина на Тетово помеѓу две кабини се случи сообраќајната несреќа со две возила. „Мерцедес“ со охридски таблички управуван од 51-годишна жена жителка на Кичево и „фолксваген туарег“ со дебарски таблички управуван од 37-годишен жител на градот. Поради сударот, на местото животот го изгубила жената од Кичево која била сама во возилото – изјави Марјан Јосифовски, портпарол на СВР Тетово.
Возачот на другото возило, како и тројцата сопатници на возраст од 32, 36 и 62 години добиле различни телесни повреди и се пренесени во тетовската клиничка болница.
-Поради тежината на повредите сите се задржани за болничка опсервација – рече Јосифовски.
Увид на местото направиле службеници на СВР Тетово и јавното обвинителство. По наредба на јавен обвинител, телото на жената е предадено за обдукција. Полицијата почна истрага за утврдување на причините за сообраќајката.