Температурните осцилации можат да бидат сериозен проблем за безбедноста на возачите. Од утре, судејќи по најновите временски прогнози, се очекуваат дождови и драстично намалување на утринската, па и дневната температура. Есенскиот период се карактеризира со пад на температурите и повеќе опасности во сообраќајот, кои возачите мораат да ги имаат предвид. Облачното време, обилните врнежи, првите мразеви, накиснатите лисја што паѓаат на коловозите, големите температурни разлики, како и зголеменото учество на земјоделска механизација што го забавува сообраќајот, се главните опасности по сообраќајот во есен
Со падот на температурите од утре, внимателно и претпазливо во сообраќајот!
Во следните денови ќе преовладува променливо и облачно време, со засилен северен ветер што ќе услови намалување на дневната температура во следниов период. Ова е прогноза за времето со која се најавуваат дожд и ниски температури, кои сами по себе ги носат есенските сообраќајни предизвици. Поради досегашните пријатни есенски температури, возачите возат поопуштено бидејќи сѐ уште се навикнати на топлите и суви коловози што се карактеристични за летниот период. Буквално прекуноќ можат да ни се случат минусни температури и да предизвикаат хаварија по улиците низ земјава. Токму затоа, потребно е посебно внимание во сообраќајот во овој период од годината, кога температурните осцилации се случуваат брзо и крајно несекојдневно.
НОЕМВРИ НАЈРИЗИЧЕН ЗА ВОЗЕЊЕ
Возењето во есенски услови бара посебно внимание бидејќи ретко кој возач во своето возило носи зимска опрема, а есента знае да биде значително сурова кога се температурите во прашање. Доволен пример за тоа е разликата во температурите од минатата недела, па досега, кога имаме пролетни температури, додека пред десетина дена имавме температури што на одредени места паднаа и под нулата.
Тоа значи и замрзнување на коловозот на улиците, па затоа од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелираат до возачите да возат внимателно и да ги проверат своите возила, за да пристигнат безбедно до крајната дестинација.
– Есенскиот период се карактеризира со пад на температурите и повеќе опасности во сообраќајот, кои возачите мораат да ги имаат предвид. Облачното време, обилните врнежи, првите мразеви, накиснатите лисја што паѓаат на коловозите, големите температурни разлики, како и зголеменото учество на земјоделска механизација што го забавува сообраќајот, се главните опасности по сообраќајот во есен – информираат од РСБСП.
Според статистичките податоци, месеците октомври и ноември се најризични за возење. Намалената видливост е една од доста честите проблеми што им се случуваат на возачите што сообраќаат низ земјава.
– Основно правило за возење во сите годишни времиња, а особено во есен е: да се води сметка за моменталната видливост. Есенските услови сами по себе носат време со зголемена облачност во текот на целиот ден, магла во одредени региони и намален виден период на денот. Сето ова бара од возачите поголема внимателност при возењето и подготовка на возилата за овие временски услови – информираат оттаму.
Од советот потенцираат дека обилните врнежи ја зголемуваат опасноста од пролизгување на возилата на коловозот.
– Возењето со поголема брзина од пропишаната, излижаните гуми, локвите вода на коловозот и насобраните влажни лисја, можат да го оневозможат движењето на возилото во посакуваниот правец, односно да дојде до пролизгување. Случаите со пролизгување можат да се спречат со навремена замена на летните со зимски гуми. Иако законската обврска за зимска опрема на возилата започнува на 15 ноември, РСБСП им препорачува на возачите да го направат тоа порано, со што ќе ја зголемат својата, но и безбедноста на другите учесници во сообраќајот – велат од РСБСП.
ЗЕМЈОДЕЛСКАТА МЕХАНИЗАЦИЈА ПРОБЛЕМ ЗА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ
Со оглед на тоа што најголемите земјоделски активности се случуваат во овој период од годината кога на големо се берат плодовите, од РСБСП велат дека возачите треба посебно да внимаваат додека возат поради зголеменото присуство на земјоделска механизација на улиците.
– Земјоделската механизација е бавно движечка и во овој дождовен период нанесува кал и земја по коловозите, кои и онака се влажни, со што се зголемува ризикот при одвивањето на сообраќајот по патиштата. Имајќи го предвид фактот дека голем број од земјоделската механизација и работни машини во државата не се адекватно осветлени и обележани, РСБСП апелира за исклучителна внимателност при возењето во овој период од годината – нагласуваат оттаму.
Маглата можеби е еден од најкарактеристичните временски непогоди за овој период од годината. И покрај високите температури, на повисоките планински места, но и во котлините, на превоите, може да се забележи магла.
– Најчеста грешка што ја прават возачите при возењето во услови на магла е користењето долги наместо кратки светла. Имено, долгите светла во вакви случаи ги влошуваат условите и видливоста бидејќи светлината се одбива од маглата и ги заслепува возачите. Се препорачува употреба на светла (магленки), кои се исклучуваат веднаш по излегувањето од маглата – потенцираат од РСБСП.