Во дел од „бомбите“ што денеска се слушаат во Кривичниот суд во Скопје беше пуштена и снимка на која разговараат поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и Мартин Протуѓер, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер за новинарските прилози на А1 Телевизија дека секој вработен во државната администрација треба да предложи по 15 гласачи.
– Ептен ги наместиле. Гледам прилог и ги прашуваат луѓето за кого ќе гласаат, и овие велат за ВМРО. Ги прашуваат зошто и овие кажуваат дека ќе им завршат за вработување или за нешто друго. Ептен беше, не знам, како не ги познаваат по гласот, по цел ден се на ТВ. Ќе треба добро да смислиме како да реагираме – вели Јанкулоска во разговорот.
Во друг разговор, Протуѓер и вели на Јанкулоска дека не знаат како да реагираат на ова и оти мора да ги тужат новинарите.
Дел од „бомбите“ што се слушнаа беше и разговор меѓу Јанкулоска и Протуѓер за прилозите на Канал 5 Телевизија.
– Канал 5 не ги покриваат настаните, а газдата е кај нас на листа. Мора да ги стегнеме малку – вели Јанкулоска.
Пред присутните во судницата беа презентирани и аудио снимки кои откриваат како се мобилизирале вработените во Царината, како и снимки меѓу поранешни фунционери во кои тие разговараат за гласачите од дијаспората и колку се официјално пријавени во ДИК, како и за потенцијалните кандидати на изборите кои би можеле и би имале најдобри шанси да бидат на листата во изборните единции.
Одбраната повторно реагираше дека снимките немаат никаква доказна вредност, на што судијата Осман Шабани рече дека доказите се прифатени и ќе бидат изведени, а потоа судот ќе цени дали тие се однесуваат на кривичното дело или не.