Колерата, црната смрт и грипот се едни од најголемите брутални убијци од епидемиски размери во човечката историја. Се ширеле со голема брзина и биле причина за смрт на илјадници, па и милиони лица

Коронавирусот дојде и во Македонија. Граѓаните стравуваат од ширење епидемија, која би го покосила човештвото. Социјалните мрежи вријат од разни информации, па дури и такви дека треба да се седи во домашна изолација, за да се избегне заразување со вирусот. Во некои градови наголемо се празнат полиците во маркетите, жителите се обезбедуваат со потребни намирници доколку дојде до евентуално прогласување карантин.
Сепак, упатените стручњаци тврдат дека место за паника нема. Ситуацијата е под контрола. Не е првпат во историјата на човештвото да има епидемии од заразни болести. Колерата, црната чума и грипот се едни од најголемите брутални убијци во човечката историја од епидемиски размери. Епидемии имало и ќе има. Во продолжение ќе ги наброиме најголемите пандемии во историјата на човештвото.

Антонинска чума
Вкупно мртви: пет милиони

Антонинската чума се случила во античко време, во новиот век, во периодот од 165 година па до 180\190 година. Таа ги погодила Азија, Египет, Грција и Италија, а се верува дека станувало збор или за морбили или за варичела, иако вистинската причина никогаш не е откриена.

Јустинијанова чума
Вкупно мртви: од 25 до 50 милиони

Оваа чума убила 40 проценти од светската популација. Траела само една година, од 541 до 542 година, во Европа, Египет и во Западна Азија. Оваа чума ја покосила половина Европа. Научниците докажале дека причина била бактерија, која предизвикувала пневмонија и сепса. Од ова заболување умирале пет илјади лица дневно.

Црна смрт
Број на мртви: од 75 до 200 милиони

Во периодот од 1346 до 1353 година, огромна епидемиска чума им се случува на Европа, Африка и на Азија, која зела од 75 до 200 милиони жртви. Иако, според податоците, оваа зараза дошла првично од Азија, чумата доста брзо се населувала на континентите, преку болвите и стаорците што се криеле во бродовите. Оваа бубонска чума предизвикувала првично симптоми на грип, потоа пневмонија и сепса. Се смета дека е бактерија влегувала во организмот преку кожата.

Трета пандемија на колера
Број на мртви: еден милион

Третата епидемија на колера зела еден милион жртви во периодот од 1852 до 1860 година. Инфекцијата на тенкото црево предизвикувала малаксаност, треска, дехидрација и дисбаланс на електролитите во организмот. Првично започнала во Индија, па преку воден пат се проширила низ Азија, Европа, Северна Америка и Африка. Британскиот лекар Џон Сноу, кој ги следел случаите на заболените во Лондон, утврдил дека всушност лицата се заразувале од инфицирана вода. За жал, додека тој го открил тоа, милиони починале, а 23 илјади само во Велика Британија.

Епидемија на грип
Број на мртви: еден милион

Првично грипот бил нарекуван „руски грип“. Првите случаи биле откриени во мај 1889 година, на три различни локации во Централна Азија, северозападна Канада и на Гренланд. Грипот брзо се ширел меѓу населението и траел една година, до 1890 година. Брзо се ширел во урбаните места каде што фреквенцијата на луѓе биле голема. Овој грип, всушност, е првата епидемија во ерата на бактериологијата и медицината многу научила од него. Сепак, овој грип е убиец на милион лица, кои подлегнале на вирусот.

Шеста пандемија на колера
Број на мртви: повеќе од 800 илјади

Шестиот пат кога колерата повторно почнала да завладува со Индија, убила повеќе од 800 илјади пред да почне да се шири на Средниот Исток, Северна Африка, Источна Европа и Русија. Шестата пандемија на колера е и последната во Америка. Американските здравствени власти, поучени од минатото, ги изолирале лицата заболени од колера и ги чувале и ги третирале во изолација. На крајот, епидемијата во САД резултирала само со 11 жртви. Се случила во периодот од 1889 година до 1923 година. Некаде во 1923 година, случаите на заболени од колера драстично опаднале, иако константно имало заболени во Индија.

Епидемија на грип
Број на мртви: од 20 до 50 милиони

Помеѓу 1918 и 1920 година, повеќе од една третина од светската популација заболела од инфлуенца, односно грип. Починале од 20 до 50 милиони лица. На 500 заболени, смртноста изнесувала од десет до 20 проценти, со што 25 милиони починале само во првите 25 недели. Она што било поинакво од другите пандемии на грип, било тоа што овој грип не ги убивал само старите и хронично болните лица, туку жртви биле и младите, комплетно здрави лица. Децата и оние со послаб имун систем го прележувале без посериозни компликации.

Азиски грип
Број на мрви: два милиона

Азискиот грип се појавил во 1956 година во Кина и траел до 1958 година. Во неговото двегодишно траење, тој од Кина се проширил во Сингапур, Хонгконг и Соединетите Американски Држави. Според Светската здравствена организација, овој грип убил два милиона заболени, а од нив 69.800 само во САД.

Епидемија на грип
Број на мртви: еден милион

Овој грип се проширил со експресна брзина. Првиот случај бил евидентиран на 13 јули 1968 година во Хонгконг, а за само 17 дена биле забележани заболени случаи во Сингапур и Виетнам, а за три месеци грипот веќе косел во Филипините, Индија, Австралија, Европа и Соединетите Американски Држави. Иако смртноста не била како во дотогаш познатите случаи на грип, сепак бројот на жртви достигнал еден милион. Половина милион жители само на Хонгконг починале како последица на ова заболување.

Епидемија на ХИВ\СИДА
Број на мртви: 36 милиони

Првиот случај бил евидентиран во Демократска Република Конго во 1976 година. Од ХИВ\СИДА досега умреле над 36 милиони низ светот. Во моментов, бројот на заразени изнесува повеќе од 30 милиони. Повеќето од инфицираните живеат од супсахарска Африка, каде што околу пет проценти од популацијата е инфицирана. Позитивно е тоа што медицината им овозможи на носителите на овој вирус да имаат долг и исполнет живот.

Ебола
Број на мртви: над 11 илјади

Првата поголема епидемија на ебола се појавила во 1976 година во Судан и била предизвикана од судански вирус. Епидемијата опфатила 284 лица, а 151 починале. Еболата е заболување што постојано тлее на земјата. Помали и поголеми епидемии со години се појавуваат во Конго, Уганда, Западна Африка и многу други земји.


Вариола вера во Југославија

Поранешна Југославија е запаметена како земја каде што последен пат се појавила епидемија на вариола вера. Пред повеќе од 40 години, во Србија официјално заболеле 175 лица, а починале 40. Сѐ започнало на 14 март 1972 година, кога вирусот пристигнал од Косово. Епидемијата се проширила кон Нови Пазар, Чачак и Белград. Епидемијата траела до 30 април, а помал број заболени имало до средината на мај.