Во предлог-законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се зголемува времетраењето на важност на возачката дозвола и се уредуваат електричните тротинети како учесници во сообраќајот, а санкциите за возење во алкохолизирана состојба може да резултираат и со одземање на возилото
ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА
Предложените измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголемат ригорозноста заради зголемување на безбедноста во сообраќајот, бидејќи некои од санкциите што ќе се спроведуваат ќе бидат причина за граѓаните добро да размислат пред да сторат одреден прекршок. Во предлог-законот се воведуваат и електричните тротинети како учесници во сообраќајот, кои изминатиот период сѐ почесто ги гледаме низ улиците, а кои досега беа категорија што не подлежеше на санкционирање ниту, пак, беше уредена со закон.
Со предлогот се воведуваат и измени во делот на казнувањето на физичките лица. Со предложениот текст се врши усогласување во насока на бришење на мандатен платен налог, кој не е предвиден во новиот закон за прекршоците, а за досегашните прекршоци за кои беше предвидено издавање мандатен платен налог е предвидено издавање прекршочен платен налог, изрекување глоба.
Во однос на прекршоците направени од страна на правните лица, се предвидуваат глоби во распон, имајќи ја предвид големината на правното лице (за микротрговци; за мали трговци; за средни трговци и за големи трговци).
Во однос на одговорното лице во правно лице се предвидува глоба во фиксен износ од 500 евра во денарска противвредност.
Она што граѓаните најмногу ги засега е тоа што измените на законот, кој е во собраниска процедура, предвидуваат одземање на возачката дозвола и исклучување на возачот од сообраќај. Во законот е наведено дека полициски службеник може да одземе возачка дозвола или да исклучи возач од сообраќајот доколку возачот управува со возилото во лоша психофизичка состојба, под дејство на дрога и алкохол или, пак, има предвидено или впишана забрана за управување со моторно возило.
Со предложените измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата првпат се уредува и материјата поврзана со учествувањето во сообраќај на електричните тротинети и сѐ што е поврзано со нив и нивното управување.
Па, така, оние што управуваат електрични тротинети ќе треба на предната страна од тротинетот да имаат светло во бела боја, а на задната страна светло во црвена боја.
Со електричен тротинет задолжително треба да се вози на велосипедска патека или велосипедска лента, а доколку истите тие ги нема, по патека и површина за движење пешаци, а возачот не смее да управува со електричен тротинет со брзина поголема од 25 километри на час. Движењето по тротоари и други површини наменети за пешаци не смее да се одвива со брзина поголема од шест километри на час.
Со електричен тротинет не смее да управува лице помладо од 14-годишна возраст. Возачот на тротинетот не смее да превезува друго лице за време на управување на возилото. Како и за велосипедистите, така и за возачите на електрични тротинети е задолжително носењето заштитен шлем на главата за време на возењето, а од првиот самрак до разденување, како и во услови на намалена видливост, возачот е должен да носи рефлектирачки елек за време на управување со тротинетот.
Новите предлог-измени на законот забрануваат и водење животни додека се управува со електричен тротинет.
Покрај наведеното, со предложениот закон се врши и допрецизирање на конкретни одредби, за содржинско односно нормативноправно подобрување на одредени законски решенија, а во насока на доследна практична имплементација.
Со предложените измени се излегува во пресрет на барањето на повозрасните возачи учесници во сообраќајот, во насока на зголемување на старосната граница во поглед на важењето на возачката дозвола, односно наместо досегашните 70 години старост, возачката дозвола ќе важи до 75 години старост.