Се очекува до вечер да биде локализиран големиот пожар што денеска околу 13 часот избувна во атарот на прилепското село Дабница, изјави Влатко Велески, раководител на Подружницата „Црн бор“ при ЈП „Македонски шуми“- Прилеп.
Тој е на теренот со вработени од ова претпријатие, со пожарникарите од прилепската Противпожарна единица и со вработени од прилепски „Комуналец“, кои заедно работат во гасењето на пожарот.
Според Велески, пожарот зафатил над 15 хектари со борова и нискостеблеста шума. Рече дека има сериозни индиции дека пожарот е намерно подметнат. Екипите се сè уште на терен во атарот на селото Дабница.
Велески рече и дека во Прилепско има неколку активни помали пожари, меѓу кои и еден во атарот на селото Зрзе во општина Долнени, кој настанал од палење стрништа.