Црвениот крст ќе им додели еднократна парична помош од по 30.000 денари на семејствата на загинатите во пожарот кој избувна синоќа во модуларната болница во Тетово за лекување на ковид – пациенти.
– Црвениот крст на Република Северна Македонија уште еднаш длабоко сочувствува со семејствата на загинатите и повредените граѓани во трагичниот пожар во ковид-центарот во Тетово кој се случи во вечерните часови на 8 септември 2021 година. Во овие тешки моменти на загуба на најблиските, во знак на солидарност и хуман гест, на семејствата на загинатите граѓани Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе им додели еднократна парична помош во висина од 30.000 ден по семејство – соопштија од Црвениот крст.
Во пожарот загинаа 14 лица, од вкупно 26 пациенти кои се лекувале во болницата. Причините за пожарот засега се непознати. Модуларната болница целосно изгоре.