Бирото за работничка статистика ги анализира податоците за бројката на починати работници на сто илјади вработени со полно работно време. Најизложени на ризик се дрвосечачите во големите шуми и рибарите во океаните
НАЈОПАСНИ РАБОТНИ МЕСТА
Луѓето секојдневно одат на работа. Некои од нив имаат лесна, но некои физичка, ризична и тешка работа. Не мал број луѓе го ризикуваат сопствениот живот за да заработат парче леб, но и затоа што си ја сакаат својата работа. Независно дали станува збор за возачи на камиони, градежни работници или пилоти на авиони, сите тие спаѓаат во групата работници што својот живот го ставиле во служба на работата. Кога се поставува прашањето која работа е најопасна, одговорот може да се побара низ стапката на смртност предизвикана од работните услови.
Во денешниов текст може да прочитате кои се десетте најопасни и најзагрозувачки работни места, според Бирото за работничка статистика на Соединетите Американски Држави. Бирото ги анализира податоците за бројката на починати работници на сто илјади вработени со полно работно време. Методот ги опфаќа сите професии, независно за каков вид станува збор.
Први на листата се работниците што сечат дрва во големите шуми. Минатата 2019 година била кобна за овие работници. На сто илјади работници, дури 135,9 дрвосечачи завршиле кобно, со што оваа професија е една од најопасните. Не само што нивната работа е физички напорна, таа вклучува и постојано соочување со масивни дрвја што паѓаат, понекогаш и неконтролирано.
Рибарите во океаните и морињата се на второто место. Ваквиот риболов како професија од која може да се живее, воопшто не личи на рекреативното спортско рибарење. Бара голема енергија, трпеливост, физичка издржливост долго и осамено да се биде на разбрануваните води. Тоа е втора најопасна работа на светот во 2019 година, статистиката покажува дека на сто илјади вработени умираат дури 86 рибари. Причината за смртноста најчесто се поврзува со лошите временски услови, бродските несреќи или, пак, со повредите при риболовот.
Возењето автомобил секогаш се сметало за ризик, бидејќи никогаш не може да се знае што носи патот или, пак, кога може да се случи несреќа причинета од други околности. Сепак, ризикот од возење возило, не е толку голем како управувањето авион, каде што стапката на смртност при несреќи е стопроцентна.
Работниците што работат на поставување покриви на објекти се исто така едни од најзагрозените работници. Со оглед на тоа што нивната работа е високо над земјата, не чуди фактот што стапката на смртност е голема. Иако се соочуваат со електрични кабли, несоодветен терен за работа и слично, сепак, најголемата причина за смртност е паѓањето од покривот на кој работеле.
Со стапка на смртност од 34,1, се собирачите на пластика и рециклирачки материјали, кои се соочуваат со разни опасности. Најчесто тие својата работа ја реализираат на улиците во контејнерите, па честопати го ризикуваат сопствениот живот да бидат прегазени од возачи што не ги виделе.
Работниците со челик и работниците на објекти умираат како последица на лизгање од местото на кое работат. Работејќи на високи кранови и со огромни бетонски или челични блокови, нивната работа е застрашувачки опасна. Како последица на лизгање и паѓање од големи височини, стапката на смртност изнесува 25,1 работници.
Возачите на камиони, но и преостанатите возачи, исто така спаѓаат во ризични професии. Дури и самото возење до работа понекогаш може да биде опасно за возачот. Замислете само колку е голем ризикот кога возачот на огромен камион управува по 20-30 часа за да заработи повеќе пари, и тоа го прави секојдневно.
Забележано е дека секоја година умираат дури 918 возачи, независно дали се возачи на камиони, автобуси или, пак, таксисти.
Ризична е работата и на фармерите, ранчерите и земјоделците, и покрај примената на големите машински и технолошки олеснувања во оваа област. Работењето со големи и тешки машини, иако е олеснување за физичкиот дел од работата, сепак тоа не значи дека истото тоа е безбедно за работење. Најчестата причина за загинување на овие работници се тракторите што се возат невнимателно.
И оние што вршат надзор на градежните објекти, иако повеќе се набљудувачи, сепак се дел од пописот на работници со загрозен живот. Најчеста причина за нивни повреди со потешки последици е паѓање одреден предмет врз нив додека вршеле надзор над изградба на објекти.