Од 2001 до 2019 година, Македонија загубила 38,6 илјади хектари шума / Фото: Игор Бансколиев

Дрвокрадците одамна „оперираат“ и соголеа голем дел од македонските шуми, а во текот на минатата година за бесправно сечење и кражба на дрва биле поднесени 148 кривични пријави до основните јавни обвинителства. Познавачите на состојбите велат дека најлошо е што шумската полиција постапува, но нема завршница на случаите, а казните се премали. Процените се дека нелегалната сеча се движи околу 25-30 отсто од вкупно исечената дрвна маса, а шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно

Дрвокрадци ги соголеа македонските шуми, бесправно се сечат огромни количества дрва. Познавачите на состојбите проценуваат дека од 2001 до 2019 година, Македонија загубила 38,6 илјади хектари шума. Во текот на 2020 година, во врска со кривичните дела „бесправно сечење“ и „кражба на дрва“, поднесени се вкупно 148 кривични пријави до основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 190 кривични дела. Притоа, вкупно 236 сторители биле пријавени да одговараат кривично. Од Државниот инспекторат за шумарство и ловство велат не можат да постигнат да контролираат сѐ, бидејќи имаат истрошен возен парк, мошне стари возила со кои не можат да стигнат секаде. Потребно им е и кадровско доекипирање, односно вработување дополнителен број инспектори. Без подновен возен парк и со толку малку вработени не се во состојба да контролираат сѐ што ќе се исече и однесе од македонските шуми. А оние што планинарат и шетаат по македонските шуми велат дека ако порано се товарело со автомобили, сека квалитетни трупци бесправно исечени се носат со џипови, кои крстосуваат по шумите.
– Државниот инспекторат за шумарство и ловство располага со 14 возила, од кои 9 возила се теренски. Просечната старост на возилата е 22 години. Истите тие, бидејќи во 95 отсто од случаите се движат по планински и лоши терени, се речиси целосно истрошени, па нивното одржување е многу скапо и неекономично, а возилата пак не се рентабилни. Државниот инспекторат за шумарство и ловство има мал број шумарски и ловни инспектори, 15, кои ја покриваат целата шумска територија, така што подрачјето на контрола по инспектор е просечно 77.457,17 хектари и заради некомпактност на теренот се протега на растојание и до 120 километри. Во врска со проблемите на терен, како што е погоре спомнато, Државниот инспекторат за шумарство и ловство располага со стар и дотраен возен парк и со слаба кадровска екипираност, поради што не е во можност постојано да го покрива целиот терен. Сето ова укажува на потребата од зголемување на буџетот на Инспекторатот за доопремување на инспекторите со потребните материјално-технички средства и за кадровско доекипирање – вели Марјан Мицев, раководител на секторот за инспекциски надзор во шумарството и главен инспектор во Државниот инспекторат за шумарство и ловство.

Од МВР, пак, има податок дека за бесправно сечење само за првите два месеци од годинава, во текот на јануари и февруари 2021 година, се поднесени вкупно 32 кривични пријави до основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 36 кривични дела, за кои се пријавени вкупно 38 сторители.
– Во текот на 2020 година, во врска со кривичните дела „бесправно сечење“ и „кражба на дрва“, поднесени се вкупно 148 кривични пријави до основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 190 кривични дела. Притоа, вкупно 236 сторители биле пријавени кривично. Исто така, во рамките на реализацијата, односно откривањето и расчистувањето на кривичните дела, констатирано е дека количеството на дрвната маса што е предмет на кривичните пријави изнесува вкупно 3.773,1 кубни метри, а предизвиканата материјална штета е проценета во износ од 26.233.739 денари. Во текот, пак, на јануари и февруари 2021 година, поднесени се вкупно 32 кривични пријави до основните јавни обвинителства, за сторени вкупно 36 кривични дела, за кои се пријавени вкупно 38 сторители. При реализацијата на кривичните дела, од добиените известувања од секторите за внатрешни работи, евидентирана е материјална штета во износ од 401.950 денари, а предизвиканата штета на дрвниот фонд изнесува 216,75 кубни метри бесправно исечена дрвна маса – информираат од МВР.
Познавачите на состојбите со дрвокрадството по македонските шуми сметаат дека сѐ додека државата не стави рака и не рече стоп, ќе ни отиде и она малку што го имаме од шумскиот фонд.

– Јас сум постојано на терен, шетам по планиниве и на секое одење гледам барем четири-пет џипа со квалитетно дрво што го трупаат за огрев. Мафијата си работи турбо, никој не ги спречува. Дебелите дрва се редат, другото се фрла во отпад, не им се исплати само да им зафаќа место, а и нема цена. Јас од 1977 година сум по планиниве, но ова што се прави сега е нешто невидено. И порано имало, меѓутоа последниве 25-26 години, како држава, шумата ја направивме социјала. Основна работа е што сите партии ги оставаат да крадат заради интерес, заради гласови, сѐ се продава, продаваат национално богатство. Ние во Македонија немаме многу, меѓутоа шумите ни беа национално богатство. За жал, ги уништија, не се води сметка. Законски сето тоа е покриено, си има планови за уредување, за стопанисување со шумите и огледување, но „Македонски шуми“ го направија партиски разгранок на сите партии што вработуваат. Вработени се три илјади лица, не знам дали има инженери, не се знае кој што работи, не прават ни сеча ни дотур, само маркираат и ги контролираат извозот од шума и продажбата на дрвото. Сето тоа, оваа анархија некому му одговара. Нема општествена свест за вредноста на дрвото ни кај народот ни кај власта. Ако не стави државата рака и не рече стоп, доста, нема да се излезе од овој лавиринт и ќе се доуништи и тоа што остана. Македонија неофицијално 47 отсто е покриена со шума, но немаме статистика. Прво немаме направено инвентаризација на шумата, која шума каква е по квалитет.

Основна работа е потрошувачката, не е можно денес, кога имаме греење на пелети, греење на струја и греење на парно, и кога 90 отсто од населението од руралните средини се пресели во градовите, да е зголемена потрошувачката на дрва. Во минатото сите се грееле со дрва, но сега е помал бројот. Не велам дека некој извезува, туку никој не го регистрира крадењето на дрвата. Ако во минатото, во најдобрите 1970-ти години се сечеле над еден милион кубни метри, сега се сечат по 300 илјади кубни метри. Во минатото се крадеше со автомобили, со лади, сега се краде со џипови. Најлошо е што шумската полиција постапува, но нема завршница на случаите. Што е за некого казна од 300 евра ако денеска направил пет тури – вели Јане Ацевски, професор на Шумарскиот факултет во Скопје.
Тој неодамна, револтиран од сечењето на шумите, се огласи и на својот фејсбук-профил.

– Над триесет години сум по нашиве шуми, речиси по сите планини во Македонија, но ваков масакр немам видено. Има ли во Македонија шумарски инспектори и, ако има, како го дозволиле ова. Искрено се засрамив самиот пред себе од мојата струка. Нема понатаму да коментирам, само ќе кажам срам и арам за сите што се дел од ова. Драчевска Планина (празни торба) – Јакупица легална сеча (пред пет години) – гола (чиста) сеча во букова шума на голема површина – напиша тој.
Од 2001 до 2019 година, Македонија изгубила 38,6 илјади хектари шума, поради бесправна и прекумерна планска сеча на дрва, покажува извештајот на „Глобал форест воч“. Процените се дека нелегалната сеча се движи од 25 до 30 отсто од вкупно исечената дрвна маса, а дека шумската мафија заработува и до 25 милиони евра годишно од нелегалното сечење дрвја. Сепак, досега нема службена одговорност во МВР и во „Македонски шуми“.


Петмина вработени во „Хрватски шуми“ осомничени за кражба

Петмина вработени во „Хрватски шуми“ се осомничени за кражба на 518 кубици дрва. По речиси две и пол години истрага, карловачката полиција ги има имињата на осомничените за една од најголемите кражби во последниве години, која веќе е пријавена во обвинителството во Карловац. Петтемина осомничени се одговорни за исчезнувањето на 518,2 кубика бука, даб и цреша, вредни 232.569 куни, во пределот на Кремешнице, во „Хрватски шуми“ на Гвозд, кои ги сечеле од февруари до мај 2018 година. Тројца од петтемина осомничени во тоа време работеле во „Хрватски шуми“, на чиј терен и се случила кражбата. Тие сега се пријавени и ќе се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување.

Еден од осомничените е шеф на „Хрватски шуми“, Дамир К., на возраст од 53 години. Тој, во договор со другите двајца вработени, Предраг М. (на возраст од 42 години) и Тихомир Ј. (51 година), им овозможил противправна сеча на дрво на непознати лица. Другите двајца осомничени, Мирко Печек (стар 55 години) и Горан Гобац (исто така на возраст од 55 години), се високопозиционирани вработени во „Хрватски шуми“. Станува збор за внатрешни контролори, кои наместо да ги пријавуваат виновниците, целиот случај го забошотиле или, како што наведува полицијата во својата пријава до Обвинителството, ги искористиле својата службена позиција и овластувањата што ги имале, не извршувајќи ја својата должност како внатрешна контрола и пречекорувајќи ги овластувањата свесно давале неточни заклучоци за својот надзор во работата и сега се сомничат за казненото дело „злоупотреба на довербата во службеното работење“.