Фото: Зоран Антоски

Дождот кој во текот на ноќните часови, после подолг период наврна во земјава, даде огромен придонес во гаснењето на двата шумски пожара на планината Добра Вода-кичевско и пожарот кај селото Бенче-Бродско. Така долгоочекуваниот дожд го направи она што од одредени причини не можеа да го направат луѓето и спречи уште поголеми штети и опасност по селата во Поречијата.

-Благодарение на дождот кој во ноќните часови наврна во нашиот регион, изгаснат е големиот шумски пожар кај село Бенче, каде што беа опожарени дваесетина хектари дабова, букова и борова шума а изгоре и една куќа и неколку електрични столбови. По заслуга на природата спречено е негово натамошно ширење, бидејќи огнената стихија почна забрзано да се шири кон селото Звечан и постоеше реална опасност, ако не заврнеше, од пожарот да бидат зафатени и неколку куќи и во ова село – вели Даниел Јованоски жител на Порече.

Фото: Зоран Антоски

Дека пожарот на планината Добра Вода над селото Ќафа е изгаснат, ни потврдија и вработените од Подрачното одделение на ДЗС Кичево.

-Пожарот кој безмалку цела седмица беснееше на планината Добра Вода над селото Ќафа е изгаснат благодарение на дождот кој во текот на ноќта наврна во овој регион. Поради тешкиот и недостапен терен, беше речиси невозможно да се дејствува од земја и природата го стори она што ние не можевме да го сториме со нашите ресурси. Очекуваме наскоро информација каква е состојбата со пожарот на Бистра, каде се опфатени над 30 хектари сува трева, ситно стбелста и букова шума – рече Емин Емини од ПО на ДЗС Кичево.

З.А.