Во Кривичниот суд денеска се одржува ново рочиште за предметот на СЈО „Тенк“, што се однесува за набавката на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра.
Во Судот иако беше најавен не дојде да сведочи Дејан Митревски – Урко, кој беше еден период шеф на обезбедувањето на поранешниот премиер Никола Груевски.
Одбраната на Груевски не беше информирана зошто Урко не се појави во Судот, поради што судијката Добрила Кацарска побара да го повикаат во текот на денот затоа што во спротивно може да биде отповикан како сведок.
Во судницата се присутни останатите сведоци, освен еден кој бил на службен пат.
Прв пред Судот денеска сведочи Виктор Белевски, вработен во МВР од 2002 до 2006 година. Тој бил шеф на обезбедувањето на министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Белевски рече дека меѓу возилата кои ги имале за вип личности имало еден мерцедес од 1998 година, кој цело време имал дефекти. Додаде дека имал вербална расправија со министерката Јанкулоска, бидејќи барал возилото да се повлече, а таа инсистирала да се користи бидејќи немало друго.
Сведокот рече дека не успвале да излезат во пресрет на потребите за безбедност на странските делегации, бидејќи возилата долго време биле на поправка.
Обезбедувањето, како што додаде Белевски, барало да се повлечат старите и да се набават нови возила.
Во „Тенк“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Пред две рочишта Судот донесе одлука да ја раздвои постапката за Јанкулоска поради „ризична бременост“.
На минатото рочиште повеќе од пет часа исказ даваа 11 сведоци на одбраната. Тие посочија дека набавката на новиот „мерцедес“ била неопходна, бидејќи старото возило често останувало во дефект и не било безбедно за превоз на „вип“ личности.