Од 2000 година, бројот на жени затворенички пораснал за половина

Повеќе од 800 илјади деца имаат родител во затвор, според европската организација „Деца на затвореници во Европа“. Расте бројот на жени и девојки што се затворенички

Повеќе од 10 милиони лица низ светот се наоѓаат во затвори. Соединетите Американски Држави се на врвот на листата по бројот на затвореници, со повеќе од 2,2 милиони лица што се наоѓаат во затвор. Веднаш по САД, е Кина со 1,65 милион затвореници. Русија е со многу помал број затвореници, кој изнесува 640 илјади. Земја со највисока стапка на затвореници по број на жители се Сејшелите, каде што на сто илјади жители има 799 затвореници. Веднаш по нив се САД со 698 затвореници, а Русија има 455 затвореници на сто илјади жители. Повеќе од половина држави во светот, односно 55 проценти од државите низ светот имаат стапка на затвореници помала од 150 на сто илјади жители.

Бројот на затвореници многу зависи од регионот, па и деловите од континентот во кој се наоѓаат државите. Во Африка, во западниот дел стапката изнесува 188 затвореници на сто илјади жители, додека во Јужна Америка изнесува 242, со исклучок на Карибите каде што на сто илјади жители има 347 затвореници. Во југоцентрална Азија, претежно во Индија, бројот на затвореници на сто илјади жители е 74, додека во централноазиските држави, истата таа изнесува 166 затвореници. Просекот за западноевропските држави изнесува 84, со исклучок на земјите што се делат помеѓу Европа и Азија, Русија и Турција, кои се над просекот.

Статистиката покажува дека постојат огромни разлики помеѓу континентите, па и државите. Вкупниот број затвореници во Океанија се зголемил дури за 60 проценти, а во Америка повеќе од 40 проценти. Во САД бројот на затвореници пораснал за 14 проценти, повеќе од 80 проценти во централноамериканските држави, и за 145 проценти во јужноамериканските држави.
Од 2000 година, бројот на жени затворенички пораснал за половина, додека кај мажите, порастот е значително помал за разлика од жените и изнесува 18 проценти. Бројот на жени и девојки во затворите низ светот пораснал од 5,4 проценти на 6,8 проценти.

Со осудувањето на лицата на издржување одредена затворска казна, не страдаат само осудениците. Најголемата штета ја претрпуваат нивните деца, доколку ги имаат. Повеќе од 800 илјади деца имаат родител во затвор, според европската организација „Деца на затвореници во Европа“.
Последиците поради растењето на децата без мајка или без татко се разочарувачки. Честопати и децата ја одлежуваат затворската казна заедно со родителите. Несфатени од околината, задевани од врсници, растат во нестабилни домови, имаат проблеми со однесувањето, па често и тие завршуваат во казнено-поправни домови додека се помлади, а во повозрасните години и тие завршуваат во затвори.

Бројката на деца разделени од своите родители варира од земја до земја. Па, така, во Хрватска 3,955 деца имаат татко во затвор, додека 191 дете, расте без својата мајка бидејќи таа одлежува затворска казна. Дури 13.237 деца растат без татко во Грција, а 718 без својата мајка. Во Словенија, пак, со татко во затвор се 1.630 деца, додека 102 деца имаат мајка што одлежува затворска казна. Дури 77.022 деца во Германија имаат татко во затвор, а 5.713 деца растат без своите мајки.

Само четири земји имаат полиберален став во однос на бројот на посети што децата можат да ги реализираат за да ги видат своите родители. Франција, Норвешка и Словенија дозволуваат по осум посети, а Луксембург седум. Хрватска и Грција, пак, дозволуваат по четири посети месечно.
Во некои држави, децата живеат со родителот во затвор. Во Австрија, децата смеат да живеат со родителот до тригодишна возраст, во соседна Бугарија до една, а во Германија додека да тргне детето во училиште.


Македонија има релативно висок број затвореници

На сто илјади жители Македонија има 146 затвореници / Фото: Игор Бансколиев

Македонија спаѓа во земјите со релативно висок број затвореници во казнено-поправните институции. Според јануарската анализа на центарот за статистика на Европската Унија, Евростат, на сто илјади жители Македонија има 146 затвореници, со што се наоѓа на четвртото место во Западен Балкан.
Албанија има 197 затвореници на сто илјади жители, а на скалата високо котираат и Србија, Турција и Црна Гора. Со помал број затвореници се Косово и Босна и Херцеговина.

[email protected]