Јавноста е исклучена од денешното рочиште за „Рекет“, додека во судницата зе слуша нов разговор, кој според обвинителката Вилма Русковска е сензитивен.
Судијката Васка Николовска-Масевска одлучи да го уважи барањето, потенцирајќи дека судот се грижи за приватноста на сите странки во постапката. Станува збор за материјал кој го доставил осудениот Зоран Милески-Кичеец до Обвинителството, а е разговор меѓу него и обвинетиот Бојан Јовановски. Снимките траат два часа.
– Со оглед дека може да се изнесат детали од приватниот живот на лица, ја исклучуваме јавноста – рече судијката.
На одлуката да се исклучи јавноста, вчера реагираа обвинетите Бојан Јовановски и Катица Јанева, кои пак, бараа разговорите да ги чујат сите.
На вчерашното судење, Јанева рече дека од овие снимки ќе се види кој манипулирал, кој бил изманипулиран и кој давал поткуп. Јовановски пак, кажа дека сака да се отвори Пандорината кутија, со тоа што, иако има приватни и сензитивни елементи во разговорот меѓу него и Милески, сака јавноста да го чуе.
Од снимките на Милески, останаа уште два фајла кои ќе бидат слушнати на другите рочишта кога ќе има дополнување на доказната постапка. Од тие разговори, Јанева потенцираше дека ќе се види поткупот.