Гостиварската полиција расветли над педесет тешки кражби и поднесе кривична пријава против две лица кои се осомничени дека се сторители. Крадците украдените предмети ги продавале на црни пазари во Албанија и Македонија.
Од СВР – Тетово информираат дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар, целосно расчистила 50 тешки и два обида за тешки кражби. До Основното јавно обвинителство Гостивар поднесена е кривична пријава против Р.К. (30) албански државјанин и И.А. (26) од Гостивар.
– Двајцата пријавени се сомничат дека пет кривични дела извршиле во 2017 година, а 47 годинава на различни локации, претежно во Гостивар, Горна Бањица, Дебреше, Чегране, Врапчиште, Градец, Чајле, Мало Турчане, Балиндол, Форино, Топлица, Равен, населбите Фазанерија, Грудајца и на други места – изјави Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.
Осомничените Р.К. и И.А, биле вработени во една производна работилница во Гостивар во која неодамна беше извршен претрес. Кражбите ги вршеле на тој начин што го користеле отсуството на сопствениците и провалувале во куќи на времено вработени во странство. Оттаму излегувале со плен што се состоел од златен накит, пари, облека, мобилни телефони, бижутерија, часовници и други технички поизводи. Одземените производи подоцна нелегално ги продавале на купувачи во земјава и Република Албанија.