Фото: Илустрација

Скопското Основно јавно обвинителство ќе спроведе истрага со која се опфатени двајца скопјани за кои постои сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Еден од осомничените се гони и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.

Како што информираат од Обвинителството, двајцата осомничени скопјани, на возраст од 30 и 51 година, во два автомобила на автопатот „Пријателство“, во правец од Скопје кон Велес, пренесувале марихуана, која била пронајдена и одземена при извршена полициска контрола.

Во првиот автомобил „фолксваген туран“ била пронајдена вреќа со 92.447 грама марихуана, а во вториот автомобил „опел зафира“ биле откриени 60.540 грама марихуана спакувани во патна торба.

Со наредба издадена од Основниот кривичен суд Скопје, извршен бил претрес и во домовите на двајцата осомничени, при што во домот на 30-годишникот во Визбегово биле пронајдени уште 16.213 грама марихуана, но и 11 куршуми во калибар 7,62 Х 39 милиметри, кои неовластено ги држел.

Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување притвор за двајцата осомничени ценејќи дека постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоци и особени околности што упатуваат дека би можеле да го повторат кривичното дело.​​