Две лица се обвинети за разбојништво врз мигранти од Пакистан, кои биле нападнати и ограбени во скопското село Трубарево. Како што се наведува во соопштението, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе oбвинителен акт против две лица од вкупно петмина за кои имаше донесено наредба за спроведување истражна постапка поради сомнение дека како соизвршители сториле разбојништво од член 237 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.
– Двајцата обвинети кои се опфатени со обвинението на 28 јуни во село Трубарево, во непосредна близина на една бензинска станица, со употреба на сила нападнале двајца мигранти од Пакистан. Тие ги забележале мигрантите и им понудиле да ги превезат до граничниот премин Табановце за 200 евра. Откако оштетените се согласиле со сумата, ги намамиле и ги однеле во затемнетиот дел на една од блиските ниви, со употреба на физичка сила ги совладале и им одзеле пари и други предмети во вкупна вредност од 75.000 денари – се наведува во соопштението.
Заедно со поднесувањето на обвинението, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд – Скопје достави и предлог за продолжување на мерката притвор за двајцата обвинети. За тројцата кои беа осомничени и опфатени со наредбата за спроведување истражна постапка, обвинителството по завршување на истражната постапка утврди дека нема докази дека го сториле кривичното дело, па затоа донесе наредба за запирање на истражна постапка.