Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (членот 31), нагласија од Министерството за внатрешни работи
ПРОСЛАВА СО ОГНЕНО ОРУЖЈЕ
Летниот период речиси секоја година е карактеристичен по доаѓањето на дијаспората во земјава, а со тоа и организирањето свадбени прослави. Годинава оваа појава дополнително е евидентирана, бидејќи минатата година никој од дијаспората не можеше да дојде во земјава, како последица на мерките за заштита од коронавирусот. Токму затоа оваа година, со олабавувањето на мерките во светот и во земјава, на големо се организираат свадбени прослави и други веселби, на кои семејствата заедно со роднините од дијаспората заеднички ги прославуваат среќните моменти. За жал, во земјава среќните моменти мора да имаат и некое обележје што отвара дополнителна работа за полициските власти. Пукањето на свадби ниту е новитет ниту, пак, е некоја навика што може лесно да се искорени во нашата земја.
ПУКАЊЕ ЗА СВАДБИ, РОДЕНДЕНИ И РАЗНИ ПРОСЛАВИ
Речиси секојдневно низ градот и земјава се организираат голем број семејни веселби. Свадбите, свршувачките, родендените, сунетите и крштевките се само дел од многубројните прослави на кои, за жал, славениците во еуфоријата употребуваат огнено оружје за да ја покажат радоста. За жал, ваквите варварски гестови никогаш не завршуваат добро, а оние што поминале без последици, сепак, предизвикале страв кај локалното население поради пукањето со огнено оружје. Граѓаните не користат само пиштоли туку и автоматско и полуавтоматско оружје, па и петарди за, од само ним познати причини, да ја обележат прославата.
– Живеам во Чаир и овде постојано кога има свадби има и пукотници, да му е страв на човек да излезе надвор од толку пукање. Најлошо е кога некој во близината има прослава, па пука воопшто не размислувајќи за тоа дека може да предизвика несреќа опасна по живот – вели Розе Трпчева.
Дека ова е голем проблем тврдат и жителите на целата држава. Велат дека проблемот е доста сериозен во целата земја.
– Никако не можам да разберам која е потребата да се пука за свадба. Што сакаат да покажат со тоа? Ако се радосни, нека пуштат музика, ако сакаат да покажат дека знаат да пукаат, нека се пријават во војската и таму нека пукаат колку сакаат на вежби. На прослава да пукаш и свесно да ја предизвикуваш судбината, никако не може да ми стане јасно – вели Славе К.
ГРАЃАНИТЕ ДА СЕ ВОЗДРЖАТ ОД ПУКАЊЕ
Министерството за внатрешни работи неодамна соопшти дека во Општина Студеничани се одржала вонредна седница на Советот на Општина Студеничани, на која присуствувале градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики, и директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, заедно со помошник-директорот Шефик Бајрами, како и командирот на ПС Драчево, Миле Трифуновски.
На седницата била разгледана безбедносната состојба на подрачјето на општината Студеничани, која е оценета како стабилна, со тенденција кон подобрување.
Од МВР додаваат дека особено внимание било посветено на пукањето со огнено оружје на семејните веселби и мерките за спречување на оваа појава.
– Советот на Општина Студеничани, градоначалникот и Министерството за внатрешни работи ги повикуваат сите граѓани да се воздржат од пукање со огнено оружје на семејни веселби, затоа што тоа може да предизвика тешки последици. Пукањето е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок се движи од 200 до 500 евра (членот 31) – нагласија од МВР.
Во зависност од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години (членот 288 од Кривичниот законик). Ваквите активности, како што најавија од МВР, во наредните денови ќе продолжат и во другите општини.
ПРЕД ДВЕ ГОДИНИ ДВЕ ЖЕНИ ЗАВРШИЈА ПОВРЕДЕНИ
Македонија сѐ уште го памети случајот од 2019 година, кога две жени добија повреди од пукање од огнено оружје на свадбена веселба во гостиварското село Чајле.
Непосредно по ранувањето, жените беа згрижени во гостиварската болница, а лицето што беше осомничено дека пукало од пиштол беше лишено од слобода.
Според тогашните информации од СВР-Тетово, половина час по полноќ во дворот на семејната куќа на Б.Х. (53), додека траела свадбена свеченост, имало пукање од огнено оружје. Во сѐ уште нерасветлени докрај околности дошло до повредување на двете жени што присуствувале на веселбата.
По пријавата, полициски службеници го лишиле од слобода Б.Х., домаќинот на веселбата, под сомнение дека тој пукал со пиштол.
Традиција или демонстрација на сила?
Пукањето од огнено оружје на свадби или како чин на прославување на раѓање дете, особено машко дете, било начин да се известат соседните села за настанот.
Тоа било традиција родена во планинските области на Балканот. Иако овој начин за пренесување пораки е застарен, сѐ уште постои обичај да се пука од огнено оружје како чин на известување на другите.
Празниците како што се Божиќ, Нова година и Велигден, сега често се одбележуваат со славеничка прослава на полноќ. Покрај тоа, сѐ позачестено е и славеничкото пукање на свадби и спортски случувања. Како што се ширела појавата на славеничко пукање на свадби, така растел и бројот на жртви.
Од едно истражување направено токму за пукањето на прослави е забележано дека:
– Во Албанија пукањето на разни прослави било составен дел од одредени ритуали и свечености. По кризата во 1997 и 1998 година, пукањето на свадби и за време на новогодишните прослави продолжило и се интензивирано, особено на североистокот на земјата.
– Во етнички мешаните подрачја во Босна и Херцеговина, како што е Мостар, учесниците во фокус-групата изјавиле дека слушнале звуци на славеничко пукање речиси за сите верски празници и по поголеми спортски случувања.
Пукањето на прослави е највообичаено во Косово, особено на свадби и за време на новогодишните прослави.
– Како што е случај и во другите делови на Западен Балкан, славеничкото пукање ретко се пријавува во Црна Гора. И покрај тоа, во 2020 година се забележани 33 прекршоци поврзани со незаконска употреба на огнено оружје и експлозивни направи, и тоа најчесто на приватни забави по повод свадби, пречек на Нова година, Божиќ и раѓање дете.
– Славеничкото пукање е често и во соседна Србија. Истражувањето што е направено помеѓу младите покажува дека 80 проценти од младите присуствувале на пукање од огнено оружје на свадби. Жените сметаат дека оваа практика е непримерна за секоја пригода. Лицата, пак, во средовечни години и постарите воопшто не ја одобруваат ваквата појава.
– Во земјава, според истражувањето, дојде до нагло ширење на славеничкото пукање непосредно по конфликтот во 2001 и 2002 година. Со ова одново се покажува на врската помеѓу славеничкото пукање, нивото на безбедност и достапноста на оружјето.