Во согласност со законот, казнените одредби за вакви прекршоци предвидуваат глоби во износ од 50 евра во денарска противвредност, но во евиденциите на Секторот за внатрешни работи – Скопје нема изречени казнени мерки, велат од Министерството за внатрешни работи
Неодговорно возење тротинети и мотори на скопските улици
На скопските улици на кои секојдневно владее сообраќаен метеж често може да се видат родители што ги возат своите поголеми деца, но и бебиња на велосипеди, електрични тротинети и на мотори. Речиси и да нема ден кога времето е сончево и топло, а низ улиците да не се забележи таква слика. И покрај тоа што Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата ги санкционира ваквите неодговорни однесувања од страна на возрасните, се чини дека сепак тоа не е доволно бидејќи таквите правила се игнорираат со што директно им се загрозува животот на децата.
За некои од граѓаните тоа е рекреативно и интересно, додека повеќето го осудуваат таквото однесување на родителите. Велат дека често се среќаваат со родители што децата ги возат необезбедени на мотори, но и на велосипеди, а во последно време модата оди дотаму што мали деца се возат заедно со родителите на електрични тротинети.
– Замислете бебе од пет или шест месеци, сместено во кенгур кај родителот на торзото, како се вози заедно со родителот на електричен тротинет. Е, тоа е таа слика што ја гледаме кај нас на улица. Си оди да си пазари со детето во кенгур возејќи го тротинетот на улица, и тоа со брзина што достигнува 40, па и 50 километри на час. На таа улица се движат автомобили и една мала грешка на родителот, една мала дупка на улицата може бебето да го чини живот, а родителот црнина до крајот на неговиот живот. Навистина не знам што размислуваат младиве денес, но мора да внимаваат на своите деца – вели Елица Х., жителка на скопски Чаир.
Таа вели дека тоа и не е единственото нешто што се случува, а што бара посериозни санкции.
– Дете од четири, пет години управува електричен тротинет. Замислете го тоа. Неколкупати досега истото тоа дете падна, па летово беше со скршена рака и модринки, но и тоа не беше доволно за родителите, па тие повторно го оставаат да управува тротинет – вели таа.
Низ улиците можат да се забележат и родители – љубители на моторите на кои ги возат своите најмили. Застанати напред, без заштитен шлем, без соодветна возраст, дечиња помали од пет години се возат со своите родители низ сообраќајниците.
– Тоа никогаш нема да се смени. Разбирам на мало дете дека му е мерак и во ред е во двор да го качиш на моторот, но сосема друго е да возиш по главна улица каде што во минута минуваат повеќе десетици возила, кои се движат со брзина од 60 километри на час, ако не и повеќе. Мора да се работи на одговорноста кај луѓето, на свесноста од нивното несоодветно однесување – вели Драган Драганов, жител на Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека овие прекршувања се регулирани во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
– Во согласност со законот, казнените одредби предвидуваат глоби во износ од 50 евра во денарска противвредност. Но во евиденциите на Секторот за внатрешни работи – Скопје нема изречени мерки по членовите 183 и 184 од наведениот закон – велат од МВР.
Според членот 183, став еден од Законот, на велосипед смее да се превезува дете до осумгодишна возраст, ако на велосипедот се вградени едно или повеќе посебни седишта пред или зад возачот. Според ставот два, на велосипед со помошен мотор, мопед, мотоцикл, трицикл, лесен четирицикл и четирицикл смее да се превезува дете над дванаесетгодишна возраст, ако го опчекорило посебното седиште и за време на возењето ги држи нозете на посебни држачи.
– Прекршочен платен налог со глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност, во согласност со одредбите од овој закон ќе му се издаде на возачот што постапува спротивно на одредбите од ставовите еден и два на овој член – се вели во ставот три од членот 183 во Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.