За набавка на мерцедесот, екс премиерот Никола Груевски доби две години казна затвор, а поранешниот помошник министер Ѓоко Попоски доби казна затвор во траење од 6 години и 6 месеци.
Покрај затворските казни обвинетите имаат рок од 15 дена да ги платат судските трошоци во висина од 325.584 денари.
Експремиерот Груевски денеска не дојде на изрекување на пресудата за случајот „Тенк“, туку беше застапуван од своите бранители Сања Алексиќ, Димитар Дангов и Боро Тасевски.
Првообвинетиот Поповски, со лисици на рацете од Истражниот затвор Скопје беше донесен во судот. Тој вчера, како поранешен помошник министер за внатрешни работи, беше осуден на девет години затвор за злоупотреба на службената положба во предметот на СЈО „Триста“, за набавка на 300 возила за МВР и веднаш беше упатен во притвор, на барање на СЈО поради опасност од бегство.
Според пресудата, прочитана од судијката Кацарска, Никола Груевски извршил влијание врз другите двајца обвинети на начин што од Гордана Јанкулоска побарал МВР да купи патничко возило „мерцедес“, а Јанкулоска, пак, го поттикнала Ѓоко Поповски при купување на возилото да го фаворизира економскиот оператор „Мак Ауто Стар“ ДООЕЛ Скопје.
Пред новиот Кривичен суд сеа собрани 30-тина поддржувачи на Никола Груевски, меѓу кои се и поранешниот скопски градоначалник Коце Трајановски, поранешниот градоначалник на Аеродром Ивица Коневски.
Судот е обезбеден со полициски кордон, а уште од синоќа беше ограден со метална ограда со што е ограничено движењето околу судската зграда.
Во „Тенк“ за набавка на луксузниот мерцедес од 600 илјади евра, обвинети беа поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, за која постапката е издвоена поради „ризична бременост“.