Голем пожар го зафати денеска Липково во подрачјето на селата Слупчане, Белановце и Алашевце. Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) интервенираше со воздухопловна поддршка. Со 20 летови беа исфрлени 50 тони вода со што, како што соопшти вечерва, е спречена катастрофа од поголеми размери.
– Досега повеќепати апелиравме до населението во државава да биде совесно и да избегнува намерно или случајно палење оган, бидејќи не само што е прерано за волку пожари во овој период од годината, туку не е во ред да се уништува животната средина и да се става во ризик животот на населението за лична цел и бенефит на поединци – наведува ДЗС.
Дирекцијата апелира и до сите релевантни копнени служби повеќе да се заложат во гаснење на пожарите, бидејќи тие се примарна сила за справување со нив, а воздухопловите, нагласува, се за поддршка, не како основно средство за гаснење на пожари.