Голем пожар избувна попладнево над Галичник.
Според информациите, зафатена е борова шума, а куќите не се загрозени.
Од месната заедница Галичник соопштија дека пожарот избувнал над хотелот „Неда“, а за состојбата известени се надлежните органи.
„Засега гори само шума, нема опасност за куќите“, велат од селото.
Во координација со Армијата и Центарот за управување со кризи, на пат е хеликоптер за гаснење пожар. На пат се и екипи од противпожарната служба, а на терен е екипа на Национален парк.
Центарот за упрвување со кризи соопшти дека пожарот во Галичник е на непристапен терен и гори борова шума.
– Шумскиот пожар заради засилениот ветар претставува потенцијална опасност за селото, но истовремено е опасност и за силите ангажирани за гаснење – велат од ЦУК.
За состојбата, известена е и Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Локалните едининици за противпожарна заштита (ТППЕ), Министерството за внатрешни работи (МВР), а и другите субјекти од Системот за управување со кризи (СУК), согласно процедурите за работа на дежурните регионални центри за управување со кризи.
Инаку, информацијата за пожарот над селото Галичник, во ЦУК е добиена денеска околу 13.30 часот. Испратени се хеликоптер за гаснење пожар, екипи од противпожарната служба, а на терен е екипа на Национален парк.