Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за истрага против три лица осомничени дека сториле кривично дело – „терористичка организација“ и „тероризам“.

Осомничените лица претходно издржале казна затвор поради учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации. Станува збор за Б.А. (28) од Куманово, кој престојувал во Скопје и кумановците В.А. (22) и Е.Љ. (25).

Првоосомничениот во текот на минатата година создал терористичка организација со основи на идеолошка матрица на терористичката организација ИСИС, на која подоцна се приклучиле други лица меѓу кои и двајцата осомничени. Обезбедувајќи финансиски средства организаторот купувал оружје, муниција и воена опрема, а припадниците биле во улога на логистичка поддршка.

Воената опрема ја складирале во близина на локалниот пат меѓу селата Биљановце и Пчиња кај местото познато како „Менкова Колиба“. Таму полицијата пронашла: пет автоматски пушки, пушкомитралез, 18 рамки за автоматска пушка со по 30 куршуми, рамка со 15 куршуми, три дрвени кундаци, дрвен кундак со механизам за испалување, три гранати за рачен фрлач со напис РД 40 милиметри, пет запалки за гранати за рачен фрлач со осигурачи, две маскирни капи, две поткапи црна и сива боја, два пара маскирни ракавици, два тактички елеци, четири тактички елеци со маскирна боја, знаме со испишани арапски букви (ИСИС), како марама со испишани арапски букви.

Како резултат на добиени оперативни сознанија, по неколку месечна меѓусебна соработка, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал со подршка на Одделот за специјални полициски операции при МВР, во текот на вчерашниот ден спроведоа полициска акција на четири локации – три во Куманово и едба Скопје.

При извршените претреси во дом и други простории кај осомничените е запленето поголемо количество на оружје – два појаса рачно изработени исполнети со експлозив, метални кугли (лагери) монтирани на картонска подлога и две запалки од рачна бомба за активирање на појасите, две направи со жици од разна дебелина, две радиостаници, осигурач за експлозивна направа, лап-топ компјутер, девет мобилни телефони, пет СИМ картички, електронски уред со објектив, две УСБ-а, футрола за пиштол, маскирна облека, два ножа, две футроли за ножеви… Тројцата осомничени се уаспесни за време на акцијата.

Осомничените ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје. Надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе достави предлог за определување на притвор за трите осомничени лица.

Обвинителството издаде наредби за вештачење на пронајдените предмети, а се преземаат и други дејствија во насока на расветлување на случајот.