Во судницата во Кривичниот суд попладнево е пуштена снимка од безбедносната камера во Собранието на Република Македонија, на која се гледа Зијадин Села со крваво лице го влечат низ собраниските ходници на 27 април минатата година.
Претходно, на денешното рочиште беа пуштени и три други снимки направени од мобилен телефон од присутните во Собранието.
На првата снимка се гледаа насилните дејствија на дел од обвинетите кон пратениците, меѓу кои и оштетениот Села, кој стои во задниот ред од групата пратеници кои се бранат од толпата. Се гледа како дел од обвинетите фрлаат со предмети кон пратениците и лицата од обезбедувањето кои се обидуваат да ги заштитат пратениците. Тие фрлаат со дрвени стапови, метални ногарки од стол, сталаци од камери… На снимката се гледа како пратеникот Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ се обидува да ги заштити пратениците од толпата, по што доаѓаат полицајците и фрлаат солзавец, а потоа почнуваат да се разбиваат демонстрантите.
За обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април минатата година обвинети се Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Сенков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра. Обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села на претходите рочишта се изјаснија за невини.