Двајца доктори гинеколози во битолската болница пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста ѝ овозможиле на сопругата на едниот од нив, без соодветна лиценца за работа, да изврши породување со царски рез.

СВР Битола поднесе кривични пријави против трите лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и фалсификување службена исправа, како и поради надрилекарство.

– Првопријавениот и второпријавениот како доктори пречекорувајќи ги своите посебни овластувања во вршење на должноста и овозможиле на третопријавената на 01.01.2020 без соодветна лиценца за работа издадена од Лекарска комора на РСМ, да даде медицинска помош- изврши оперативна интервенција, породување со царски рез во ЈЗУ Клиничка болница Битола – операциона сала на Одделение за гинекологија и акушерство врз родилка.

По завршувањето на интервенцијата, првопријавениот во оперативниот дневник внел невистинит податок, односно во графата податоци за оператор, ги внел своите податоци и податоците на второпријавениот, а од стариот оперативен дневник отстранил страници на кои третопријавената ги запишала извршените оперативни интервенции на 01.01.2021 година – се наведува во соопштението на МВР.
М.М.