Железничката несреќа која се случи утрово во 5.50 часот, каде што воз удри во возило „Фолксфаген венто“ во сопственост на МВР, управувано од 34-годишниот А.Б., полициски службеник во Полициската станица Гази Баба, кој починал на лице место, ги потресе граѓаните на Маџари.
Екипа на „Нова Македонија“ го посети местото на настанот, на кое стручни лица правеа увид и работеа на расчистување на пругата. Удрениот автомобил беше отстранет од пругата со специјално возило „пајак“, а од Македонски железници изјавија дека пругата набрзо ќе биде повторно пуштена во употреба.
– Кога несреќата се случила уредите на пругата функционирале добро, а возилото се нашло на пругата кога било вклучено црвено светло и полубраниците биле спуштени – изјавија вработени во комисијата за расчистување на вонредни настани од Македонски железници.
Од локалното население дознаваме дека рампите и полубраниците на пругите се искршени, а ова не е првата несреќа која се случила на оваа пруга во Маџари.
– Можете да видите дека рампите се скршени и вакви несреќи се случуваа и порано – ни кажаа локалните жители. В.Т.