Зоран Заев направи циркус, никој не верува дека како резултат на истрагата на Заев му паднала температурата на Сашо Мијалков, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, преку соопштение.

Според партијата, бурната реакција на народот спречила Мијалков да избега, а министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, треба да си поднесе оставка веднаш.

„Да не беше реакцијата од јавноста Мијалков немаше да се пријави во ЈО. Спасовски два дена не можеше да го лоцира Мијалков и системот целосно потфрли. Потребна е одговорност. Тоа што Мијалков побегна пред очите на полицијата говори дека тој имал информации за нејзиното движење кои може само да ги има врвот на власта Спасовски и Заев. Јасно се гледа коалицијата Зоран – Вице – Сашо. Македонија е заробена од овие криминалци и потребни се итни оставки“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата очекува партиите во парламентот да се одважат и да му се изгласа интерпелација на Спасовски, а подоцна и да се формира експертска влада за организирање на избори локални и парламентарни.


СДСМ: Институциите покажаа капацитет за обезбедување на правдата

Христијан Мицкоски, бранителот на криминалот и потрчко на Никола Груевски и Сашо Мијалков, вчера доживеа нов пораз откако институциите покажаа подготвеност и капацитет за обезбедување на правдата за сите подеднакво, велат од владејачкиот СДСМ утрово преку соопштение.

– Правдата е најголемиот дебакл на потрчкото Мицкоски и за негова жал, правдата ќе ја има се повеќе и почесто. Мицкоски ги призна сите злодела на ВМРО-ДПМНЕ, тој по сопствено признание е единствен на браникот на криминалот и затоа е јасно зошто ја држи партијата во заложништво, само за да ги заштити Груевски, Мијалков, Камчев, Милошоски, Димовски, Јанушев – велат од СДСМ.

Владејачката партија наведува дека одговорност за обидот за бегство на Мијалков мора да има и ќе има, но ќе има одговорност и за сите бивши и сегашни функционери од ВМРО-ДПМНЕ против кои се водат процеси пред судовите.