Возач на патничко возило се здобил со тешки телесни повреди во една од вкупно седум сообраќајки случени во текот на вчерашниот ден во Скопје. Во две сообраќајки со полесни повреди се здобиле две лица, а во четири била причинета материјална штета.
Сообраќајната полиција санкционирала 31 возач кои се движеле со поголема брзина од дозволената, седум возачи поминале на црвено светло, а тројца не дале првенство на минување на пешаци на пешачки премин. Тројца возачи биле санкционирани за неправилно престројување, шестмина за неправилно престигнување, седум возачи за немање зимска опрема во возилата, еден возач кој не носел појас и пет возачи за користење мобилен телефон додека возеле.
Од сообраќај биле исклучени и 16 возачи, од кои двајца возеле под дејство на алкохол, 13 пред да се стекнат со право на управување и еден возач почетник. Од сообраќај биле исклучени и седум нерегистрирани возила.
Затекнати биле 68 возила непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило „пајак“ отстранети биле 67 возила.
Одделението за превенција денеска ќе реализира посебна воспитна мерка сообраќајна поука на која ќе присуствуваат граѓани учесници во сообраќајот кои сториле прекршоци по разни основи во својство на возачи (мобилен, појас).
Едукативни работилници ќе се одржат во ООУ „Љубен Лапе“ во општина Аеродром со ученици од четврто одделение во рамки на сообраќајно воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.