Фото: Маја Јаневска-Илиева

Анализите направени од социолозите, психолозите и криминолозите во изминатите 25 години на оваа тема, покажуваат дека човечките предатори, насилници кон животните, не запираат тука. Многумина од нив ќе продолжат да прават акти на насилство, меѓутоа и врз луѓето. Според едно истражување направено уште во 1997 година од страна на Универзитетот во Масачусетс, дури 40 проценти од злоупотребувачите на животни извршиле насилни криминални дела против луѓето

ЗЛОУПОТРЕБАТА НА ЖИВОТНИТЕ – ЧОВЕЧКА СУРОВОСТ БЕЗ ГРАНИЦИ

Македонија, за жал, не може да се пофали кога се во прашање заштитата и правата на животните, независно дали станува збор за диви или за домашни животни. Во тој поглед земјата, иако изминативе години може да се забележи минимален напредок по тоа прашање, сепак како општество премногу заостанува во однос на светските демократии. Кај нас, за жал, сѐ уште има садистички однесувања на поединци што уживаат во својата супериорна моќ, па малтретираат, убиваат или, пак, силуваат животни, само поради тоа што можат и имаат поголема сила од нив.

ФРЛИЛ КУЧЕ ОД МОСТ, ДРУГ, ПАК, СИЛУВАЛ МАГАРЕ?!

Додека речиси насекаде низ светот на големо се работи на усовршување на заштитата на животните, во земјава сѐ уште сме на ниво на едукација на населението, кое и вака и така ништо не успева да научи. Македонија сѐ уште се бори и бара начини да се справи со секојдневното малтретирање животни, независно дали станува збор за мачки, кучиња или други животни. Промените на тоа поле во земјава, за жал, се одвиваат премногу бавно, бидејќи имаме огромен број случаи во кои сведочиме за труење на животни и други видови малтретирање.
Последниот месец од годината, полицијата, за среќа, успеа да фати осумнаесетгодишно момче од скопско Шишево, кое се обидело да ја напушти земјава на граничниот премин Табановце.
Како што неодамна информираа од Министерството за внатрешни работи, кај О.К. на Табановце, при преглед на неговиот пасош, полицијата констатирала дека за него бил распишан централен распис од ЕВР-Ѓорче Петров, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „мачење животни“, казниво по членот 233 од Кривичниот законик.
– Тој бил спроведен во ЕВР-Ѓорче Петров и во службен разговор признал дека го сторил делото, односно дека во текот на летото фрлил куче од мост во река и потоа објавил фотографии на социјалните мрежи. По целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава – информираа од МВР.
Месецов, македонската јавност беше разбранувана и од случајот со силување магаре во едно кавадаречко село.
Според информациите, жител на едно село од околината на Кавадарци, со помош на пријател, на социјалните мрежи прикажал како има секс со магаре.
– Обвинетиот маж вршел полово дејствие заради задоволување на своите полови страсти врз домашно животно – магаре, пред друго лице, кое со мобилен телефон го снимал половото дејствие и потоа снимката ја препраќало на други лица и јавно ја објавил на Фејсбук – наведено е во обвинението со предлог за издавање казнен налог.
Обвинетиот добил парична казна од 400 евра за кривичното дело „задоволување полови страсти пред друг“, а целиот настан се случил во март оваа година, во непосредна близина на фудбалското игралиште на селото каде што живеел. сторителот

ДЕНЕС – ЖИВОТНИ, УТРЕ – ЛУЃЕ

Анализите направени од социолозите, психолозите и криминолозите во изминатите 25 години на оваа тема, покажуваат дека предаторите насилници кон животните не запираат тука. Многумина од нив ќе продолжат да прават акти на насилство, меѓутоа против луѓето. Според едно истражување направено уште во 1997 година од страна на Универзитетот во Масачусетс, дури 40 проценти од злоупотребувачите на животни извршиле насилни криминални дела против луѓето.
Едно истражување на ФБИ, пак, направено на осудениците за убиство, покажува дека тие пред да посегнат по човечки живот, како тинејџери или како деца се изживувале со животни.
Истражувањата исто така покажуваат и дека постои силна корелација помеѓу злоупотребувањето на животните и семејното насилство.
Според експертската јавност, секој што посегнал по животно само затоа што е помало и немоќно и ужива во тоа, треба да биде испратен на сериозна процена од страна на експерти, за да се види дали тоа лице може да живее во нормално општество, бидејќи токму со таквите лица никогаш не може да се знае кога ќе им текне да го убијат својот партнер или некој сосема ненадеен случаен минувач од соседството.
Слично е и со сексуалната злоупотреба на животните. Научниците велат дека на оној што ужива сексуално да злоупотребува животни, многу брзо ќе му се зголеми желбата за промени, па ќе се ориентира кон децата и жените.