Во Скопје по градските сообраќајници се вози со преголема брзина, многу поголема од дозволеното. Но исто така зад воланот седнуваат и многу возачи, кои сѐ уште не добиле возачка дозвола. Вакви примери има постојано, а во изминативе празнични денови, при преземените активности од страна на Секторот за внатрешни работи – Скопје било констатирано дека 18 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената. Исто така, полицијата од сообраќај исклучила и 17 возачи, бидејќи управувале возила без да се стекнат со право за управување, односно немале возачки дозволи. Непочитувањето на сообраќајните прописи е причина за сообраќајните несреќи, кои, за жал, некогаш завршуваат и со жртви. Изминатите денови се случиле 21 сообраќајна несреќа, во кои едно лице добило тешки телесни повреди, а 14 лица полесни телесни повреди.
Во рутинската контрола на сообраќајната полиција од сообраќај биле исклучени 13 возила, бидејќи имале истечена важност на сообраќајните дозволи. Во редовните активности на полицијата се преземени и одредени мерки, па така девет возачи биле санкционирани, затоа што поминале на крстосница на црвено светло, а тројца биле казнети поради недавање предност на минување на пешаци. Исто така пет возачи заработиле казна поради неправилно престигнување, а тројца биле санкционирани, затоа што не носеле сигурносен појас додека управувале со моторното возило.
Многу од возачите не престануваат да зборуваат на мобилен телефон, додека возат и, за жал, оваа појава граѓаните ја забележуваат и кај некои од возачите на градските автобуси. Во изминатиов празничен викенд, полицијата затекнала девет возачи како користат мобилен телефон додека управувале со возило. Изминативе денови полицајците издале 52 мандатни платни налози. Со специјалното возило пајак биле подигнати 35 возила, кои биле непрописно паркирани или ја загрозувале безбедноста на другите учесници во сообраќајот.