Бојан Јовановски и Зоран Милески осомничени во случајот „Рекет“, ќе останат во притвор уште 30 дена, соопшти Кривичниот суд во Скопје.
– Кривичниот совет на Одделението за гонење организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје, денеска ( 13.09.2019 ) постапувајќи по предлог на надлежниот Јавен обвинител за продолжување на мерката притвор против Б.Ј. и З.М. донесе решенија со кои предлогот на обвинителството се уважува и мерката притвор се продолжува за нови 30 дена поради постоење на причините од член 165 ст.1 т.1,2 и 3 од ЗКП – информираат од Судот.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Апелацискиот суд Скопје.
Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милевски – Зоки Кичеец, Обвинителството ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“.
На Јовановски и Милевски првпат им беше одреден притвор на 15 јули годинава.
Како третоосомничена за „Рекет“, во притвор е и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.