Педесет и пет пати сум носен во болница. Пред малигнитет сум. Ве замолувам, не си играјте со мојот живот, изјави денеска пред судот Бојан Јовановски, првообвинет за случајот „Рекет“.
Тој вели дека за неговата состојба се потребни посебни хигиенско-диететски услови кои ги нема во истражниот затвор во Шутка.
Судијката на ова рече дека постапуваат по неговото барање и дека ќе биде одобрено на 4 февруари да изврши интервентен зафат.
Неговиот адвокат Сашо Дукоски вели дека тој зафат не е примарен колку што е примарно неговиот клиент да престојува во посебни хигиенски услови.
– Доколку се случи нешто со Бојан Јовановски, јавно кажувам, многу лица ќе бидат опфатени со кривични пријави. Кој, како сака нека го сфати тоа. Ова е изживување. Па сами може да заклучите каква е здравствената состојба на едно лице кога педесет и пет пати е носен на здравствени интервенции. Тие не се ништо друго, туку едно алиби дека нешто се прави. Но, ништо не се прави, туку се одржува некаква си далеку од нормална состојба, за да по секоја цена тој се носи на судење. За напоменување е дека пред неколку дена, повторно му се земани примероци од улцерот, односно од неколкуте здебелени чирови кои се земени од она што му е останато, наречено желудник и пратени се хистологија да се утврди дали станува збор за карцином – рече Дукоски.
Адвокатот вели дека сите лекари се сложни оти Јовановски треба да биде на строг хигиено-диететски режим и дека во случајот со неговиот клинет станува збор за класична дискриминација.
– Тројца обвинети, односно, од еден осуден и една кообвинета, само обвинетиот се наоѓа во притвор. Ниту една пресуда на Европскиот суд за човекови права во Стразбург ова не го дозволува. Интервенцијата направена врз Јовановски е само алиби дека нешто се превзема. Ќе го однесат таму, ќе направат лабораторија и ќе речат еве нешто правиме – додава адвокатот на Јовановски.