Во овој момент како Влада нема да си дозволиме да коментираме судска постапка што е во тек и укажуваме дека сите материјали и целосната надлежност се во рамки на судовите во Република Македонија, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Миле Бошњаковски, одговарајќи на новинарско прашање, каде се разговорите меѓу обвинетите и Невзат Бејта за случајот „Монструм“.
Одговарајќи дали премиерот Заев има намера да сведочи како што бараат семејствата во случајот „Монструм“, Бошњаковски, кажа дека целосната надлежност за судскиот процес по предметот Монструм е во рамки на македонскиот правосуден систем.
– Македонската Влада не се меша во работата на правосудството и ниту има намера на некој начин да интервенира. Тоа што го очекуваме е дека сите отворени прашања поврзани со овој случај на крајот од постапката ќе бидат соодветно одговорени и адресирани и дека целата македонска јавност ќе има транспарентно увид во конечната пресуда и во секоја одлука на Судот, изјави Бошњаковски.