Со слушање „бомби” во Кривичниот суд во Скопје продолжува судењето за Титаник на СЈО за изборните нерегуларности.
Во судница се присутни сите обвинети, меѓу кои поранешниот премиер Никола Груевски, како и екс министрите за транспорт и врски Миле Јанакиески и за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.
Пред почетокот, обвинетиот Илија Димовски побара одложување на рочиштето за да може да присуствува на седница на собраниска комисија на која е член и предлагач на пет точки.
– Синоќа доцна по завршувањето на седницата за денеска во 12 часот е закажана нова седница. На една од точките е и Државната комисија за антикориупција, рече Димовски.
Лиле Стефановска од СЈО, рече дека нема проблем доколку е важна седницата, но барем да се работи до 11.45 за да не биде пропаднат денот.
Во предметот „Титаник“ предложени се повеќе од 1.000 аудио снимки во листата на материјални докази од СЈО, од кои на досегашните рочишта преслушани се повеќе од 500.
Пуштен беше и разговор на Јанакиески со Амди Бајрам и бара од него да притиснат, зошто немало излезност на Кале. Амди на тоа му вели „па идеме, како не идеме, па во куќи им влеговме“.
Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.
Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за за финансирање изборна кампања.