Приведен разбојник од Скопје
На подрачјето на Бит-пазар, од полициски службеници од СВР-Скопје бил лишен од слобода Р.Д. (22) од Скопје бидејќи кај него биле пронајдени марихуана и разни предмети за кои постои основано сомнение дека потекнуваат од кривично дело, а во врска со претходна пријава од Џ.Ф. (83) од Скопје дека околу осум часот пријавениот, со употреба на физичка сила, ѝ одзел чанта со лични документи и пари. Пронајдените предмети се одземени и вратени на оштетената, а по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Санкционирани дури 175 возачи во Сарај
Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден продолжи со засилените акциски контроли во областа на сообраќајот.
На територијата на Сарај се изречени вкупно 175 мерки, меѓу кои за возење без возачка дозвола 20, 22 санкции за нерегистрирани возила, шест мерки за минување на две полни линии, десет санкции за користење мобилен телефон и шест мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло). Засилените сообраќајни контроли продолжуваат и во наредните денови.
Приведени криминалци од Арачиново и од Средно Коњари
Во селото Трубарево од полициски службеници од СВР-Скопје е пронајден и приведен А.Ш. (31) од селото Средно Коњари, баран по судска наредба од Основен суд Скопје-1 за издржување казна затвор. Подоцна во селото Арачиново, Скопско, полициски службеници од СВР-Скопје го привеле А.Ш. (28), кој се барал по наредба од Основен кривичен суд – Скопје.
Претреси во Сарај, приведени разбојници што краделе од банкомати
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за општ и насилен криминал во координација со ОВР-Кичево и ЕВР-Ѓорче Петров, по претходно обезбедена судска наредба, на подрачјето на Општина Сарај, во селото Долно Свиларе се извршени повеќе претреси, при што се пронајдени муниција и предмети поврзани со извршени кривични дела. Приведени се Р.Р. (33), Г.К. (36), М.Ф. (27) и Е.М. (32) поради основно сомнение за сторени кривични дела „тешка кражба“ на банкомати на банка во Кичево, како и нелегално поседување оружје и распрскувачки материјали. Лицата со соодветна кривична пријава се предадени на ОЈО-Кичево за натамошна постапка.