Жител на Миравци лишен од слобода – возел со туѓи таблички
Жител на селото Миравци е лишен од слобода затоа што управувал со моторно возило без положен возачки испит. Лицето Д.П., на возраст од 54 години, во неделата, во 22.00 часот, на автопатот А1 – клучка Миравци, било пресретнато од полициски службеници и откако тие побарале да се легитимира, го лишиле од слобода, бидејќи без возачка дозвола управувал патничко возило „даеву ланос“, со гевгелиски регистарски ознаки. При контрола на возилото било констатирано дека регистарските ознаки што ги користел биле од патничко возило „мерцедес“, сопственост на В.Ф. од селото Миравци, поради што постои основано сомнение дека е сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
Еден загинат во сообраќајка на патот Штип – Кочани
Почина жител на Радовиш во сообраќајна несреќа што се случила на магистралниот пат Штип – Кочани. Настанот се случил завчера, околу 21.25 часот, во близината на крстосница за селото Кучичино. Во сообраќајната несреќа учествувале патничко возило „фолксваген поло“, со радовишки регистарски ознаки, управувано од С.З., на возраст од 71 година, од Радовиш, и патничко возило „форд фокус“, со штипски регистарски ознаки, управувано од дваесет и деветгодишниот Н.Р. од Штип. Во несреќата С.З. загинал, додека Н.Р. добил повреди и бил пренесен во Здравствената установа во Кочани.
Охриѓанка со тешки повреди по губење контрола над мотоцикл
Охриѓанка што управувала со мотоцикл изгубила контрола и паднала на коловозот, при што добила тешки телесни повреди. Жената со иницијали С.Б., на возраст од 44 години, во неделата попладне, околу 14.30 часот, во близината на бензинската пумпа на улицата 7 Ноември во Охрид, управувала мотоцикл „јијинг“, со струшки регистарски ознаки, изгубила контрола и паднала на коловозот. Во незгодата, С.Б. добила тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Св. Еразмо“, каде што била пренесена за укажување лекарска помош.
Тешко повреден велосипедист во Куманово
Велосипедист заврши со тешки телесни повреди по сообраќајка што завчера се случила во Куманово. Околу 15.20 часот на крстосницата на улиците Доне Божинов и Братство-единство во Куманово, патничко возило „лада нива“, со кумановски регистарски ознаки, управувано од четириесет и деветгодишниот Б.К. од Куманово, удрило во велосипед, управуван од В.Х., на возраст од 56 години од Куманово. По незгодата, В.Х. бил пренесен во Клиничката болница во Куманово, каде што му биле констатирани тешки телесни повреди.
Непознати лица во Долна Матка пукале од огнено оружје
Непознати лица во неделата попладне пукале со огнено оружје во селото Долна Матка. Во пријавата во полицијата стои дека на кејот на реката Треска, неколку непознати лица пукале со огнено оружје. Полициски службеници излегле на местото на настанот и на земјениот пат пронашле повеќе чаури.