Уапсен поради поседување дрога
Полициски службеници од секторот за внатрешни работи Скопје го уапсиле Д.Г. (44) од Скопје, затоа што при извршен претрес кај него била пронајдена кафена прашкеста материја. По документирањето на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Приведени три лица поради поседување ножеви
На улицата Есперанто во Скопје биле приведени В.М. (23), Д.С. (26) и А.Т. (27), сите од Скопје, поради сторен прекршок од Законот за оружје. Бидејќи носеле ножеви, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.
Уапсени албански државјани
Полицијата ги уапсила албанските државјани А.Д. (57) и А.Б. (35), поради непријавено престојување. Тие биле уапсени во селото Шемшово, Тетовско, и биле предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија за понатамошна постапка.
Прегазен пешак
На улицата Лука Геров во Скопје патничко возило „пежо“, со скопски регистарски таблички, управувано од М.Р. (29) од Скопје, удрило во четириесет и осумгодишната Т.С. од Скопје. Во несреќата жената добила тешки телесни повреди, по што била пренесена во градската општа болница „8 Септември“ за укажување лекарска помош. На местото на несреќата бил извршен увид од страна на увидна екипа од СВР Скопје.
Товарно возило излетало од пат
Товарно возило „ивеко“ излетало од пат на регионалниот пат Дебар – Маврови Анови, пред крстосницата за селото Ростуше. Возилото било управувано од И.Ф. (56), од селото Стримница, општина Желино. Во незгодата, возачот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во Клиничката болница во Тетово, за укажување лекарска помош. На местото на несреќата бил извршен увид од увидна екипа.
Каснат од улично куче
Во полициската станица во Аеродром, дваесет и осумгодишниот И.В. од Скопје пријавил дека на улицата Владимир Комаров бил каснат од куче скитник во пределот на десната потколеница.
Работен викенд за полицијата во Скопје
Во текот на викендот, односно на седми, осми и деветти февруари, на подрачјето на Скопје, полицијата преземела мерки и активности, при што од сообраќај се исклучени: еден возач затоа што управувал возило под дејство на алкохол, двајца возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право на управување моторно возило и едно возило, бидејќи било нерегистрирано. Санкционирани се и еден возач поради поминување крстосница на црвено светло и двајца возачи поради недавање првенство на минување на пешаци. Во однос на пешаците, санкционирани се 21 пешак. Во текот на изминатите денови, 88 возила се подигнати со специјално возило „пајак“.