Пронајдена марихуана кај млади скопјани
Полициски службеници од СВР-Скопје на булеварот Партизански одреди привеле седумнаесетгодишно лице од Скопје, затоа што при извршен преглед кај него биле пронајдени марихуана и нож. На улицата Бутелска, пак, при претрес на М.Н. (26) од Скопје, полицијата пронашла марихуана.
Кај осумнаесетгодишниот Б.Н. од селото Арачиново, на улицата Среќко Пужалка полицијата пронашла нож на расклопување. Тој бил приведен поради сомнение за сторен прекршок од Законот за оружје.
Пронајдени 51 мигрант во дом во кумановско Ваксинце
Во селото Ваксинце, Кумановско, полициски службеници извршиле претрес во домот на Т.Ќ. (59), при што биле пронајдени 51 мигрант, од кои 38 од Пакистан и 13 од Авганистан, меѓу кои имало и шест малолетни лица. Известен е јавен обвинител и се работи на расчистување на случајот.
Сообраќајна незгода во Битола
Во Битола, на регионалниот пат Новаци – Добрушево, кај селото Горно Агларци, патничко возило „ауди“, со битолски регистарски ознаки, управувано од Г.М. (54) од селото Новаци, излетало од коловозот. Во незгодата возачот добил тешки телесни повреди, констатирани во Клиничката болница во Битола, каде што бил пренесен за укажување лекарска помош.
Направил сообраќајка со полицаец па избегал, а во возилото оставил мигранти
На автопатот Скопје – Куманово, кај наплатната рампа Романовце, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „рено меган“, сопственост на МВР, управувано од полициски службеник и патничко возило „фолксваген пасат“, со тетовски регистарски ознаки, управувано од непознат возач. По незгодата, возачот на возилото „фолксваген пасат“ го напуштил местото на настанот, а во возилото биле пронајдени осум мигранти од Пакистан. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од СВР-Куманово во присуство на инспектор од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и се работи на расчистување на случајот.
Физички се пресметувале пред угостителски објект во Гостивар
По претходна пријава за нарушување на јавниот ред и мир со физички напад, полициски службеници од Полициска станица во Гостивар на улицата, Гоце Делчев, пред угостителски објект, го нашле повреден А.Н. (39) од селото Лакавица, Гостиварско. Тој бил пренесен во Медицинскиот центар во Гостивар за укажување лекарска помош. Известен е јавен обвинител. Извршен бил увид на местото на настанот од увидна екипа од Полициската станица во Гостивар и се работи на расчистување на случајот.