Повреден мотоциклист кај Катланово
На автопатот Скопје – Велес, во близината на Катланово, А.Н. (47) од Скопје, управувајќи мотоцикл „пијаџо Х10 350“, со скопски регистарски ознаки, изгубил контрола, удрил во оградата од автопатот и паднал. Во незгодата, мотоциклистот добил тешки телесни повреди, по што бил пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ за укажување лекарска помош. Извршен бил увид на местото на незгодата од увидна екипа од СВР-Скопје.
Приведени две лица – се расправале со полицајци
Полициски службеници од СВР-Скопје, на крстосницата на улицата Цветан Димов со улицата Христијан Тодоровски-Карпош, за време на ограничено движење, биле приведени Џ.А. (39) од с. Мојанци, Скопско, и П.И. (26) од Скопје, кои агресивно се однесувале кон полициски службеници. По документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Каснати од куче скитник на Христо Татарчев
Во полициската станица во Кисела Вода, К.Г. од Скопје пријавила дека на улицата Христо Татарчев била касната од куче скитник во пределот на ногата.
Во полициската станица во Гази Баба, пак, К.Ш. (40) од Скопје пријавила дека на улицата Карл Хрон, нејзината малолетна ќерка била касната од куче скитник во пределот на десната рака.
Беровец повреден во Кичево
Во полициската станица во Кичево, од Медицинскиот центар-Кичево било пријавено дека кај нив бил донесен повреден З.Ч. (36) од Берово, кој добил тешки телесни повреди додека извршувал работни задачи во фирма.
Се обидел да прегази пешак со возило во Струга
Триесет и едногодишниот Ф.Ж. од селото Велешта, Струшко, пријавил дека му била загрозена безбедноста од И.Л. од селото Радолишта. Според пријавителот, тој додека бил заедно со негов роднина на улицата Партизанска во Струга, покрај нив, во непосредна брзина со голема брзина поминал џип „шевролет“ со странски регистарски таблички, управуван од И.Л. и се обидел да ги удри. Потоа, Ф.Ж. управувајќи го своето патничко возило „голф“, на кружниот тек на улицата Партизанска бил пресретнат и запрен од И.Л., кој најпрво започнал да упатува навредливи зборови кон Ф.Ж., а потоа удирал по неговото возило, по што дошло до меѓусебна физичка пресметка. Увид на самото место извршиле полициски службеници од ПС-Струга и НККР-Струга, И.Л. е лишен од слобода и се работи на целосно расчистување на случајот.